Пет причини зошто борбените авиони се толку скапи


Борбените авиони се импресивни, но скапи машини кои чинат помеѓу 150 и 300 милиони долари по парче, во зависност од перформансите.

Потребно е долго време да се развијат и се произведуваат во мали количини, што ги зголемува вкупните трошоци за развој и производство. Порталот специјализиран за авијација Simple Flying издвои пет причини зошто борбените авиони се толку скапи.

Се произведуваат во релативно мали количини

Општата цел на производителот е производството да биде што помасовно, бидејќи со тоа се постигнува намалување на трошоците за производство. Но, кај борбените авиони клиенти се претежно земји кои нарачуваат вакви авиони во мали количини. Високата цена на развој и малата нарачка не е идеална комбинација за клиентот.

Долг работен век

Современите борбени авиони имаат еден од најдолгите работен век во споредба со сите други авиони. Кога станува збор за овие авиони, земјите сфатија дека помалку е повеќе. Заедно со високата цена доаѓа и употребливоста на авионот. Борбените авиони од поновата генерација може да се користат два до три пати подолго од борбените авиони од постарата генерација.

Причината за тоа не е само напредокот во материјалите и технологијата, туку и нивната опстанок во борбените мисии. Во споредба со постарите авиони, модерните имаат поголеми шанси успешно да ја завршат мисијата и да се вратат во базата. Покрај тоа, современите борбени авиони можат да споделуваат податоци, да соработуваат со други авиони и бази.

Технологија со исклучително висока прецизност

Опремата на борбените авиони е исклучително прецизна. Без разлика дали се работи за комуникациска опрема, навигација или оружје, тие имаат најсовремена опрема. Во споредба со авионите од Втората светска војна, овие денес имаат уникатен систем на оружје што овозможува погодување на целта во еден обид.

На пример, стотици бомбардери Б-17 ги промашиле своите цели во текот на 1950-тите. Во текот на 1970-тите, четири ловци F-4 Phantom можеа доста брзо да ги завршат задачите. Сепак, секој од авионите F-35 Lightning може да ја погоди целта во еден обид и со исклучителна точност.

Истражување, развој, тестирање и евалуација

Развојот на борбените авиони трае многу долго. Вообичаено е дури 20 години да поминат од концептот до почетокот на користење на авион. Така, почетната фаза на дизајнирање на F-35 Lightning започна во 1993 година, а развојните активности започнаа во 2001. Овој авион првиот лет го имаше во 2006 година, а американската војска почна да го користи во 2015 година.

Децениите на дизајн и развој имаат директно влијание врз цената. Покрај тоа, со сè понапредната технологија и зголемените потреби на земјите, производителите продолжуваат да инвестираат се повеќе и повеќе пари во производството. На пример, програмата за развој на F-35 Lightning чинеше 22 милијарди долари повеќе од очекуваното.

Скап систем за оружје

Борбените авиони користат некои од најсофистицираните системи за оружје. Стандардното вооружување вклучува митралези со ротациони топови со висок калибар, комбинација од проектили (воздух-воздух, воздух-земја, контранапад), наведувани проектили и торпеда. Развојот на таков систем на оружје чини вистинско богатство.

Напредните системи за оружје за F-22 Raptor и F-35 Lightning би можеле да ги зголемат трошоците за производство за стотици милијарди долари. Понатаму, трошоците за тестирање и оценување на овие системи се високи, пишува порталот Simple Flying.