,,Песни за љубов и копнеж” од Каролина, Дуке и Исмаил во Филхармонија- распродадени пет концерти


Фото: Б. Грданоски

Пет концерти се распродадени за проектот ,,Песни за љубов и копнеж” од Каролина, Дуке и Исмаил, кој во пакет претставува студиски албум и концертна промоција. Првиот концерт е на 23 декември од 20 часот, вториот и третиот се на 24 декември од 20 и од 22, 30 часот,  а четвртиот и петтиот на 25  декември од 20 и 22, 30 часот во Македонската филхармонија, во организација на „Авалон“.

Македонската публика ќе има ретка можност во живо да слушне песни кои имаат есенцијална вредност, изведени од тројца врвни уметници кои добар дел од својата днк – а ја вложија во создавањето на овој проект.

Албумот ,,Песни за љубов и копнеж” е сочинет од 11 од најубавите, подзаборавени македонски композиции од втората половина на 20-от век – златната ера на македонската забавна музика, потпишани од некои од некои нашите најмаркантни автори: Драган Ѓаконовски Шпато, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев, Љубомир Бранѓолица…

После бројни настапи и соработки на Каролина, Дуке и Исмаил, идејата за овој албум се роди во 2016  година, по што внимателно се работеше на неговиот концепт, бирање на композициите и создавање нови аранжмани, со фокус на тоа да им се даде ,,нов живот” на некои од најубавите песни на домашната забавна музика.