Песната „Izađi, mala“ хит на студентските протести во Србија
Една народна песна од 1985 на босанскиот пејач Ферид Авдиќ е апсолутен хит на протестите во Србија. Неа ја пееја студентите пред зградата на Претседателството на Србија кога Александар Вучиќ држеше прес конференција внатре, студените ѝ ја пееја на јавната обвинителка Загорка Доловац пред седиштетот на обвинителството, ја пејат и нававивачите на Црвена звезда на кошаркашките натпревари.
Оваа песна, напишана од Ибрахим Мангафиќ, ја пее Ферид Авдиќ (65), југословенски и босански пејач и интерпретатор на народна музика и севдалинки. Авдиќ е познат како скромен музичар кој никогаш не правел скандали и кој повеќе сакал да внимава на семејството отколку да троши пари.
Тој велеше дека неговите родители кои биле работници го воспитале да живее скромно, да поминува време со сопругата и децата и да оди на пазар каде што секогаш има по некој збор со трговците.
Во 2017 година пејачот дознал дека боледува од рак на дебелото црево, но по операцијата и терапијата успеал да се опорави, со помош на неговите колеги кои организирале хуманитарен концерт.
Песната „Изаѓи, мала“ ја преработи хрватскиот бенд „Лет 3“ на нивниот албум „Бомбардирање на Србија и Чачак“, а публиката ја отпеа и по овогодинешниот концерт на „Рамштајн“ на белградско Ушќе.