Песков: Земјите од ЕУ не разбираат што се случува во светот


Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, изјави дека словачкиот премиер Роберт Фицо со споредбата со „жаба што седи на дното на бунар“ објаснил колку земјите од ЕУ не ги разбираат глобалните процеси.

За време на средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Кина, Фицо ги спореди земјите од ЕУ со „жаба на дното на бунар“ која не може да види што има горе.

– Ова е веројатно некоја бајка, најверојатно, колку што разбирам, некој словачки фолклор – ’жаба што седи на дното на бунар и не разбира што се случува горе‘. Ова е, всушност, алегорија … Фицо рече дека многумина во ЕУ, исто како оваа жаба, не разбираат што се случува во светот, наведе портпаролот на Кремљ во видео обраќање објавено на Телеграм-каналот Вести.

Фицо исто така нагласи дека, со сета должна почит кон ЕУ, понекогаш е разочаран од неможноста на Унијата да „одговори на движењата во светот“.

За време на средбата со Путин во Пекинг, Фицо рече дека лидерите на земјите-членки на Европската унија ќе го повикаат за да го замолат да им раскаже за разговорите со рускиот претседател.

Словачкиот премиер му предложи на Путин да се одржи состанок на заедничка комисија за унапредување на економските врски меѓу двете земји.

Тој исто така нагласи дека Украина не може да стане членка на НАТО.

Фицо претходно изјави дека ќе му пренесе пораки на украинскиот лидер Володимир Зеленски по средбата со Путин.