Персоналниот состав на собраниските комисии денеска на пленарна седница
Собранието денеска треба да ја одржи седницата на чиј дневен ред ќе биде изборот на составот на работните тела на Парламентот. Седницата во петокот ја најави претседателот на Собранието Талат Џафери, а таа веќе е закажана и на собранискиот сајт. Составот на работните тела помина и на седница на собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата, на која беше потенцирано дека бил постигнат консензус меѓу сите пратенички групи во Собранието.
На дневен ред на оваа седница е и верификацијата на мандат на пратеник на местото на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Според Џафери, на оваа седница нема можност за други точки на дневен ред бидејќи материјалите претходно треба да поминат на соодветните собраниски комисии.
Предлог одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Северна Македонија во петокот беше усвоена на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
За усвојување на одлуката гласаа и пратениците од опозицијата, иако имаа забелешка дека Комисијата за прашањата на изборите и именувањата не може да дава предлози за персонален состав на другите собраниски комисии бидејќи, како што посочија, Собранието претходно на парламентарна седница не донело одлука за нивно основање и за дефинирање на надлежностите.
Во петокот во изјава за медиумите Џафери истакна дека Собранието треба да ги формира работните тела оти без нив не може да се впушти во натамошна работа и функционирање.
-Во моментот кога ќе добијам извештај и предлогот за составот на работните тела соодветно ќе свикам седница за понеделник за да може тој предлог и официјално да помине низ собраниска процедура и да се донесе одлука од пленумот. На тој предлог ќе и претходи точка предлог-одлука за формирање работни тела во која што ќе се дефинира колку работни тела и кои работни тела ќе се формираат во Собранието, последователно како втора точка ќе биде предлог-одлуката за персоналниот состав на работните тела коишто ќе произлезат од предлог-одлуката, најави претседателот на Собранието.
Тој појасни дека доколку, според процедурата, на самата седница предлог-одлуката за формирање работни тела се надополни со формирање нови тела различни од постоечките, тогаш во таа ситуација ќе треба Комисијата за избори и именување да има нова седница за персоналниот состав на евентуалните нови комисии.
Во однос на кворумот за работа на Собранието, имајќи предвид дека еден пратеник беше на Инфективната клиника, и не е верификуван мандатот на уште еден, претседателот на Парламентот е убеден дека нема никакво стравување затоа што, како што рече, за собраниските комисии е постигнат консензус меѓу парламентарните партии и од власта и од опозицијата.
-Пратеникот Зибери според информациите што досега ги имам е во добра здравствена состојба и во текот на денешниот ден ќе треба да биде отпуштен од Инфективната клиника и статусот негов ќе зависи од заклучокот на медицинскиот тим, односно на Клиниката – дали ќе има решение за изолација понатамошна, завршниот тест каков ќе му биде – дали ќе биде негативен или позитивен. Се зависи од таа ситуација. Хипотетички ако има решение за изолација а тестот му е негативен, тогаш на пратеникот според протоколот ќе му се овозможи според посебна процедура да влезе во посебна просторија, како што впрочем и минатиот пат беше, да го користи своето право на глас, а да не комуницира со никој друг во Собранието и да може да си оди пак според решението што го има. Тоа се зависи од идните информации што ќе ги имам. До понеделник има време да го докомплетираме и тој дел, посочи првиот парламентарец во петокот.
Во меѓувреме Собранието работи на барање алтернативен начин за одржување седници во вонредни услови, односно онлајн седници и гласање поврзано со пандемијата со Ковид-19. Собранискиот претседател истакна дека за утврдување на таквиот алтернативен начин на работа ќе бидат потребни два до три месеци, и оти поради тоа засега седниците ќе се одржуваат во салата со купола, а гласовите ќе се бројат рачно.
– Како претседател на Собранието обврзан сум да размислувам за функционалноста на Собранието и во редовна ситуација и во вонредна ситуација и затоа на првите средби на координација ја изнесов идејата за размислување по однос на алтернативните можности за работа на Собранието. За жал, таа идеја се искористи да се спинува како обид на мнозинството, на претседателот за да се одбегне редовната работа на Собранието и со тоа да се надополни недостигот можен на кворум и со тоа фактички од дома да можат да работат пратениците. Не, не е таа идејата, потенцираше Џафери.
Основната идеја, според него, е Собранието да работи во нормални услови како што е пропишано, но факт е дека во овие три децении нема пропишано работа на институцијата и функционирање на институцијата во вонредни услови.
– Пандемијата ни покажа дека е неопходно да се има во предвид и алтернативна можност за работа во такви услови. Денеска е пандемија, утре може да биде друга причина за алтернативна работа на Собранието, задутре може да има трета причина – може да биде пожар, може да биде земјотрес, може да биде не знам што, кое ќе предизвика вонредна состојба и во такви вонредни околности како ќе работи Собранието, кај ќе работи Собранието, вели Џафери.
Тој додава дека ова е само алтернатива за функционалност на институцијата, а не, како што рече, заради обид на мнозинството да се надополни можното немање кворум, како што некој сака да го претстави.