Перински: Безбедноста на граѓаните пред сѐ и над сѐ! Но, без конкретен план


Златко Перински - министер за локална самоуправа (Фото: Б. Грданоски)

Покрај за угостителските, управителите и на јавните објекти ќе добијат рок во кој ќе треба да ги отстранат недостатоците кои ја загрозуваат безбедноста на граѓаните, најавија министерот за локална самоуправа Златко Перински, а вчера и премиерот Христијан Мицкоски.

Колкав ќе биде тој рок, какви сѐ објекти ќе бидат опфатени со оваа мерка, сѐ уште не е јасно, но може да се каже дека прва „жртва“ на оваа одлука е театарот „Војдан Чернодрински“, кој нема да работи затоа што е небезбеден за посетители, а тоа е така повеќе од три децении.

За друг јавен објект, сѐ уште нема одлука, но колку се безбедни и поновите објекти, како на пример Македонскиот народен театар покрај кејот на Вардар во Скопје, како и другите објекти во тој потег, за кој многу се пишуваше уште додека проектот Скопје 2014 не беше завршен. Но, како да подзаборавиме на нив.

Перински денеска беше прашан да ја дообјасни изјавата на премиерот кога велеше дека сите јавни објекти, не само градинските и училиштата ќе подлежат на проверка и ќе бидат задолжени да ги имаат сите услови за нивно безбедно посетување.

„Наша обврска како Влада е пред се безбедноста на граѓаните и да го исправиме или можам да кажам да го поставиме овој комплетно дерогиран систем којшто во изминатите 30 години е граден во нашата држава. За жал, времето беше кратко и не можевме секаде да стигнеме да исправиме, меѓутоа сме во добра насока да смениме многу работи во иднина. Безбедноста на граѓаните е пред сѐ и над сѐ за оваа Влада и во таа насока се прават проверки не само на јавните објекти, туку и на сите оние угостителски, како што рековте, станбени блокови итн. Оние објекти кадешто ќе се увиди дека има некаква недоследност ќе им се даде рок за истата да ја отстранат за да може да биде гарантирана безбедноста на сите корисници. Навистина ни е битно да превенираме сѐ што може во иднина да се случи. Доколку таа аномалија којашто објектите не ја отстранат во некој догледен период секако дека нема да можат и нема да имаат услови да работат“, рече Перинкси, кој денеска беше на увид на градежните работи во Кучково, Скопско, каде старо училиште се претовра во дом за рехабилитација на деца кои се избориле со рак.

Вчера пак, премиерот Христијан Мицкоски рече дека сопствениците на локалите ќе добијат онолку време колку што им е потребно за да ги исправат недоследностите и во тој период нема да работат.

– Но, има и државни објекти меѓу оние што не ги исполнуваат потребните услови за работење, а некои од нив се установи за претшколска возраст, пензионерски домови и училишта кои изминатите три децении не биле реновирани и градени, туку крадени – рече Мицкоски вчера.

Овие најави од власта би требало да подразбираат и градежни зафати, затоа што не е проблем за безбедноста на граѓаните само постоењето или непостоењето на противпожарни елементи за заштита. Колку и дали други објекти ќе бидат потполно затворени за посетители останува да видиме во следниот период. (Б.Б.)