Пензиониранот генерал Мохамед Багер Золгхадр стана нов секретар на моќниот ирански Совет за национална безбедност


Иранските медиуми денеска објавија дека пензионираниот командант на Иранската револуционерна гарда, Мохамед Багер Золгхадр, е назначен за генерален секретар на Врховниот совет за национална безбедност по минатонеделното убиство на досегашниот шеф Али Лариџани во целен израелски напад, пренесе ДПА.

Именувањето, потврдено со претседателски декрет и од високи функционери, беше објавено од иранските новински агенции, повикувајќи се на објава на Икс од Мехди Табатабаи, заменик-шеф на одделот за комуникации во Кабинетот на претседателот.

Во јавноста многу малку се знае  за овој пензиониран генерал. Од малкуте јавни податоци за него се наведува дека е роден во средината на 1950-тите, дека е ветеран од Иранско-ирачката војна (1980–1988) и дека својата воена кариера ја поминал во моќниот Корпус на Исламската револуционерна гарда, пренесува германската агенција.

Неодамна имал функција во Советот за помирување, арбитражно тело кое посредува во споровите во политичкиот систем на Иран.

Иранскиот дневен весник „Шарг“ објави дека Золгхадр претходно ја водел изборната кампања на крајно конзервативниот Народен фронт на силите на исламската револуција, главен противник на реформистичкиот камп на Иран.

Советот за национална безбедност е највисокото тело на Иран за стратешки одлуки, кое го советува врховниот лидер за прашања од националната безбедност, одбраната и заштитата на Исламската револуција.

Претседател е претседателот на земјата, а во него членуваат околу десетина министри и воени функционери. Генералниот секретар дејствува како пратеник на врховниот лидер, појаснува ДПА.

Одлуките на Советот, вклучително и за иранската нуклеарна програма, стануваат конечни откако ќе бидат одобрени од врховниот лидер, заобиколувајќи го парламентот.