Пендаровски: Николоски нека си ги прочита анкетите


Фото: Б. Грданоски

 

Откако потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, го обвини претседателот Стево Пендаровски дека „бил посетен од еден стратегист и подготвувач на изборни кампањи и на анкети по потекло од Израел“ шефот на државата ги отфрли овие наводи како инсинуации.

„Претседателот Стево Пендаровски и неговиот Кабинет не користеле никогаш странски компании за правење на анкети, стратегии, ниту пак комуникациски услуги од домашни експерти.

Така ќе биде и за време на претседателската кампања 2024, нема да се користат ниту странски, ниту домашни комуникациски експерти, ниту пак ќе се нарачуваат анкети.

Александар Николоски и ВМРО-ДПМНЕ нека се насочат кон нивните сопствени стратези и анкетари и нека си ги прочитаат анкетите во кои очигледно стои дека во вториот круг победник на претседателските избори ќе биде претседателот Пендаровски.

Александар Николоски најверојатно е последниот функционер од ДПМНЕ кој треба да разговара за платата на претседателот Пендаровски.

Нема поголема перверзија за криминал да обвинува вториот човек на партијата која со години е синоним за организиран криминал и чија сметка со години е блокирана“, се вели во реакцијата.