Пендаровски ѝ честиташе победа на Силјановска, го обвини ДУИ за системски и организиран бојкот


„Резултатите се јасни и немам намера подетално да ги образложувам. Сакам согласно резултатите кои ги видовме досега да им честитам на победниците и да им посакам успешна работа во следните четири односно пет години“, порача актуелниот претседател на Македонија Стево Пендаровски.

– Мојот концепт за мултиетничка Македонија, целосно интегрирана во евро-атлантските процедури за жал денеска не доби мнозинска поддршка од граѓаните. Меѓутоа јас сум длабоко уверен дека само таква Македонија може да биде просперитетна и демократска држава – рече Пендаровски на прес-конференцијата.

Тој додаде дека неговата совест е мирна, но не знае дали ќе биде мирна и на тие што организираа бојкот на изборите.

– Не сум сигурен дали совеста им е мирна на оние кои теснопартиски или лични интереси денеска ефективно спречија илјадници наши граѓани да го земат второто ливче и да гласаат и на претседателските избори – рече Пендаровски.

Се уште актуелниот претседател им се заблагодари и на медиумите за успешната соработка во изминатите пет години и најави натамошна соработка во некое друго својство.

Запрашан дали смета дека неговиот пораз на изборите е поради политиките на СДСМ кои ги водеше, Пендаровски одговори:

„Долги месеци пред да ја најавам втората кандидатура реков дека е важно да имате партиска поддршка, бидејќи живееме во држава која е силно партизирана. Уште пред нова година знаев дека СДСМ не се во онаа кондиција во којашто биле пред пет години. Меѓутоа анкетите покажуваа дека мојот личен рејтинг е над партијата и таа коалиција, а тоа ми даде надеж да се надевам дека повторно да бидам реизбран“, рече Пендаровски.

Тој повтори дека стотици илјади гласови практично биле оневозможени плански и системски, заради теснопартиски интереси, да гласаат на изборите и дека тоа се однесува на оние 330.000 гласови за другите кандидати во првиот круг, за кои верува дека се поблиску до него отколку до концептот на на Силјановска.

По новинарско прашање тој изрази уверување дека и гласачите на ВЛЕН постапиле слично како тие на ДУИ, без да ги именува вториве, односно дека заради теснопартиски калкулации за влегување во новата влада, гласале организирано според интересот на партијата. 

Запрашан каде ќе ја продолжи кариерата и дали ќе се исели од Македонија, Пендаровски рече дека ја разбира иронијата на прашањето поттикната од манипулативната лага на ВМРО-ДПМНЕ , бидејќи се работи според него за изјава извадена од контекст. Тоа што го кажав, рече тој, е дека Македонија треба да стане пристојно место за живеење место да ги лажат граѓаните за некакви алтернативни решенија. На крајот тој порача дека ќе се врати на старата за позиција на универзитетот.