Пеколно лето, на Балканот можни торнада


На Балканот му се закануваат силни летни бури, кои би можеле да створат дури и торнада, а од запад стигнува „пекол“, пренесуваат хрватските медиуми прогнози од Акуведер.
Имено, како што пишува порталот ekspress.hr, Акуведер за летово во Европа предвидува големи жештини, но со продорни, опасни и жестоки бури.
Во извештајот се наведува дека подрачјето на долготрајни жештини ќе биде од Португалија и Шпанија до Полска и Унгарија.
„Жештината ќе биде подолготрајна од лани кога рекордните температури мерени во делови од Португалија, Белгија, Холандија, Германија и Скандинавија, траеја генерално, околу седум дена“, напиша Ерик Лестер, еден од метеоролозите на Акуведер.
Тој наведува дека температури повисоки од 38 степени Целзиусови може да се очекуваат на потегот од северна Франција, Белгија, Холандија, кон Полска, Словачка и Унгарија.
Друг метеоролог, Тајлер Ројс вели дека температури повисоки од 40 степени може да се очекуваат во делови од источна и јужна Франција, а дека најлошо ќе биде во Португалија и Шпанија, каде можно е неколку дена по ред да има температури повисоки од 43 степени целзиусови, па и повеќе.
Сепак, тропски жештини нема да ја зафатат цела Европа. Едно од местата е Скандинавија.
Жештините не би требало да бидат неподносливи ни на Балканот, но со многу „гадна цена“: на потегот од Грција се до Романија на север и Бугарија на исток, се предвидуваат бури со грмотевици.
„Овие бури ќе донесат бројни громови, поплави и разорни ветрови со град. Најсилните бури ќе бидат во можност да створат и торнада“, вели Ројс.