Пцости и навреди во Собранието, СДСМ бара извинување од Мицкоски и Стоилковиќ
Пратениците на СДСМ, ДУИ, АA и Албанска лига ја напуштија седницата откако немаше извинување на Стоилковиќ, ниту реакција на спикерот Гаши
СДСМ побара извинување од премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, како и реакција од претседателот на Собранието Африм Гаши, поради навреди и непримерно однесување кон пратеници на опозициската партија за време на собраниската седница. СДСМ свикаа и вонредна прес-конференцијата, бидејќи случувањата во Собранието, според нив, биле надвор од сите демократски критериуми, особено затоа што во нив биле вклучени претседателот на Владата и кандидат за министер.
Партијата оцени дека македонската јавност била сведок на голема нервоза во моментите кога во Собранието се разговарало за резултатите и неуспесите на извршната власт во изминатите две години. Според СДСМ, едно од клучните правила во демократијата е власта да ги слушне критиките, да ги согледа слабостите и врз основа на нив да се обиде да го подобри своето работење. Од партијата сметаат дека во Македонија демократијата се сфаќа поинаку и дека власта верува оти ќе постигне подобри резултати со напади врз оние што укажуваат на слабостите во општеството.
СДСМ тврди дека навреди од страна на Стоилковиќ биле упатени кон заменик-координаторот на пратеничката група Фатмир Битиќи и пратеникот Митко Трајчулески, кои говореле за состојбите во државата и за изборот на Владата. Според нив, не станува збор за изолиран случај, туку за говор на омраза што може да создаде услови за насилство.
По прекинувањето на седницата следувал и директен напад од кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој им се нафрлил на двајцата пратеници со навреди и пцовки. СДСМ сметаат дека ваквото однесување не му доликува на кандидат за министер што треба да биде избран токму од Собранието.
„Тоа претставува говор на омраза што може да роди насилство. И тоа што следеше по прекинување на седницата беше вистински напад, не само вербален од страна на кандидатот за министер Иван Стоилковиќ, кој се нафрли врз двајцата пратеници, не само физички, вербално, туку и со пцовки. Мислам дека тоа не доликува на кандидат за министер, кој треба ова Собрание да го избере“, рече Спасовски на прес-конференцијата во Собранието.
Партијата наведува дека случувањата во изминатите две години, економската состојба, проблемите во земјоделството, социјалните политики и застојот на европскиот пат не можат да бидат поништени со напади врз опозицијата и пратениците. Од СДСМ го критикуваа и молчењето на претседателот на Собранието Африм Гаши, кој, како што велат, не реагирал иако претседавал со седницата.
Според партијата, Гаши бил должен да реагира бидејќи изнесените навреди не биле во согласност со Деловникот, ниту со Етичкиот кодекс што Собранието го усвои едногласно. Тие нагласија дека Етичкиот кодекс не може да важи само за пратениците, туку уште повеќе треба да важи за претседателот на Владата, членовите на Владата и сите функционери што ги избира Собранието.

СДСМ побара јавно извинување, оценувајќи дека никој не заслужува да биде навредуван, да му се упатуваат закани или пцовки. Партијата побара и официјална реакција од Африм Гаши, со која, како што велат, претседателот на Собранието треба да покаже дека е прв меѓу еднаквите и дека правилата важат за сите присутни во законодавниот дом.
По паузата седницата продолжи, но извинување немаше, по што Оливер Спасовски рече дека очигледно работите не одат во насока на смирување и дека не сфаќа кои се причините што некои личности се заштитени. Тој сметаше дека седницата не треба да продолжи иако на дневен ред е реконструкција на Владата. Според него, не може да биде најважна работа на владиното мнозинство да се газат пратениците и еднаш треба да се заштити интегритетот на народните преставници. Инаку, СДСМ, рече тој, ќе го преиспита и учеството на оваа седница, и како ќе учествува потоа. Потоа коалицијата на СДСМ ја напушти седницата. Од работата на седницата се повлекоа и пратениците од „Европскиот фронт“, Алијанса за Албанците и Албанска лига. Од опозицијата останаа само пратениците на Левица.
Повод за кавгата беше оценката на пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, дека реконструкцијата на Владата не носи нова визија, туку отвора сериозни дилеми за стратешката определба на државата и за кадрите што ВМРО ги предлага на највисоки државни функции. Според него, кадровските решенија предложени од Владата испраќаат загрижувачки политички пораки, особено во делот на евроатлантската ориентација на државата.
„Очекувано е назначувањето на Стоилковиќ за министер за локална самоуправа, со што ‘српскиот свет’ во Македонија добива позиција губернатор на 80 македонски општини“, истакна Трајчулески.
Осврнувајќи се на предлогот Борче Серафимовски да биде министер за земјоделство, Трајчулески посочи официјално објавени информации за неговите активности.
„Генералниот директор на Меѓународниот славјански универзитет Борче Серафимовски беше дел од јубилејното десетто собрание на фондацијата ‘Руски мир’, која е основана со указ од претседателот на Руската Федерација Владимир Путин во 2007 година. Свое обраќање имаше и патријархот московски и на цела Русија Кирил. Ние сме горда членка на НАТО“, нагласи Трајчулески.
Тој исто така оцени дека реконструкцијата е уште едно признание дека Владата не ги исполнила сопствените ветувања.
„Денес сме сведоци на признание за политички неуспех. Кога Владата менува министри по само две години, таа всушност признава дека не ги исполнила сопствените ветувања. Но проблемот не е во имињата. Проблемот е во политиките што ги доведоа граѓаните до разочарување“, потенцираше Трајчулески.
Пратеникот Трајчулески порача дека граѓаните не бараат нови министри и нови прес-конференции, туку резултати, европски реформи и институции што ќе работат во интерес на државата.
„Ова не е приказна за реконструкција. Ова е приказна за изгубени две години, изгубени можности, изгубена доверба и изгубена надеж. Македонија има потреба од суштински промени, а не од козметички корекции“, порача Трајчулески.

Потоа, премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли критиките на опозицијата поврзани со наводите за таканаречен „српски свет“, обвинувајќи го СДСМ за двојни стандарди во односите со лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ. Во обраќањето, Мицкоски рече дека СДСМ во периодот додека бил на власт имал поинаков однос кон Стоилковиќ, велејќи дека имало неговата поддршка во процесот за промена на името.
„Не ви сметаше да трчате на бања да го убедувате и да нудите сè и сешто за да гласа за промена на името. Не ви сметаше кога трчавте по Скопје и по Куманово да го молите, да коленичите пред Иван Стоилковиќ да гласа за промена на името? И знам дека ве одби човекот затоа што има карактер, има достоинство. И сега се обидувате, би рекол, во политички деминутив да му се обраќате на него и на Владата којашто ја предводам јас“, рече Мицкоски од собраниската говорница.
За Фатмир Битиќи рече дека е фрустриран и мизогин лик, откако тој на седницата за реконструкцијата на Владата ја критикуваше работата на премиерот. Битиќи рече дека нема никакви економски резултатите, процесот на евроинтеграции е закочен и Владата не прави ништо по тоа прашање, како и дека во земјава владее авторитарен режим.
„Човек кој што е полн со фрустрации и има мизогини карактери собини, љубител е на грантови семејни најчесто, самопрогласен експерт којшто зад себе остави катастрофа, не заслужува внимание никакво од претседател на Влада. Но, бидејќи кажа неколку работи коишто немаат никаква врска со реалноста, дури и овој фрустриран мизогин лик во политиката единствено ќе остане препознат по тоа што најчесто својата етничка припадност ја користи за да ги покрие своите слабости, одлучив еве да му посветам неколку секунди и да му дадам неколку одговори на прашањата.
Првото што го спомна е дека ова било авторитарен режим. Авторитарен режим, ќе ви посведочат некои од вашите колеги од ВМРО-ДПМНЕ, значи кога дома во 3 часот им влегуваат полициски единици, наоружани до заби и пред децата и пред нивните брачни другари ги приведуваат, па ги ослободуваат и така натаму. Тоа е режим. Режим не дозволува она што вие го правите на отворена сцена денеска, туку напротив, демократска влада којашто заслужува почит“, рече Мицкоски.
„Откако прошетавте како Швајцарци со Етичкиот кодекс, се потепавте“, ја опиша кратко ситуавијата во ДСобранието лидерот на Левица Димитар Апасиев кој оцени дека говорот на премиерот бил напишан со вештачка интелигенција и стерилен.
„Никој не му се плаши на Мицкоски. Со заканите што ги упатува и со навредите само покажува колку е неспособен и колку е слаб. И тоа граѓаните секој ден сè повеќе го сфаќаат“, прокоментира вечерва и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање. Според него, заканите од премиерот се последица на немоќта на власта да покаже резултати и да одговори на проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Тој посочи дека најавената реконструкција на Владата нема да донесе никаква промена, бидејќи, станува збор само за замена на имиња, без нови политики и без резултати за граѓаните.
„Практично, ова е една реконструкција која е само замена на имиња – едни луѓе со други. Од оваа реконструкција граѓаните не можат да очекуваат буквално ништо. Ама буквално ништо, исто како што не видоа никакви резултати и досега од работата на Владата. Нема еден сектор во кој има некакви добри резултати. Нема една група на луѓе во државава која виде бенефит од оваа власт. Државата е целосно блокирана. Граѓаните тонат во сиромаштија. Цените растат без контрола. Нема раст на платите. Стандардот тоне. Ние останавме слепо црево на Балканот и во Европа“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.