Патрик Мартенс: Саксонија го врти погледот кон Западен Балкан

Директорот на Делегацијата на германското стопанство во земјава, Патрик Мартенс, во неговата „Утринска телеграма“ вели дека германските сојузни држави се повеќе го вртат поглердот кон земјите од Западен Балкан.
„Вчера учествував на онлајн конференција организирана од страна на Комората за индустрија и трговија во Дрезден, каде имав свое излагање за Северна Македонија. Конференцијата беше на тема ‘Западен Балкан, територија за транзит или идна дестинација за нови инвестиции’“, пишува Мартенс.
Дрезден е главниот град на сојузната држава Саксонија и трет по големина во источниот дел на Германија, по Берлин и Лајпциг. Бруто домашниот производ (БДП) на државата беше 124,6 милијарди евра во 2018 година, што претставува 3,7 отсто од германското економско производство.
Мартенс додава дека државите од Западен Балкан уште од почетокот на пандемијата предизвикана од корона вирусот, почнаа се повеќе да добиваат на значење, особено со појавувањето на трендовите на Nearshoring и Reshoring, односно доближувањето на производството до крајниот купувач, регионот на Западен Балкан е се почесто дел од дискусиите на оваа тема.
„Покрај презентациите за актуелните случувања во стопанството, вебинарот исто така даде увид во деловната практика во земјите од Западен Балкан. Покрај тоа, од страна на повеќе говорници беа презентирани различните перспективи за трговските можности и ризици во регионот на Западен Балкан“, вели Мартенс.