Патот на Сашо Клековски од ГРОМ до ВМРО-ДПМНЕ

Како изгледа кога широкиот невладин свет ќе го замениш со партиските рамки


Сашо Клековски на основачкото собрание на ГРОМ

 

Промената на политичките ставови, па и идеологијата, не е ништо што би требало да биде жигосано. Едноставно, некој човек ги менува политичките ставови (а и партиите) од овие или оние причини. Тоа не е непознато во европската политика, а многу често се случува во американската. Кај нас, кога Југославија се распаѓаше, многу политичари кои се колнеа во братството и единството, станаа жестоки националисти и ксенофоби.

Последниве дваесетина години во Македонија многу познати личности ги променија политичките структури и од едни се најдоа во други за кои дотогаш изгледаше дека не им се природни средини. Но политиката е магнет за многумина и тешко е да се оддолее на искушението.

Познатата личност од светот на невладините организации, долгогодишниот извршен директор на МЦМС, Сашо Клековски, неочекувано на почетокот на 2022 беше катапултиран во врвот на ВМРО-ДПМНЕ, во неговиот Извршен комитет. Веројатно тогаш и станал член. Клековски е редовен учесник на дебати на телевизиите, но сега со друга мисија – да им даде граѓански призвук на национално-патриотските политики на ВМРО-ДПМНЕ и, ако е можно, да направи мост кон невладините структури. И веројатно разбра колку се големи се ограничувањата на партиските рамки од широките пространства на невладиниот свет.

Но тоа не му е единствениот излет на Сашо Клековски во политиката. Пред десет години тој гордо стоеше покрај Стевчо Јакимовски, прв од неговата десна страна, кога се формираше Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ). Веројатно невладинот свет стана претесен за светогледите на Клековски и реши да зачекори во политиката. Јакимовски си замина од СДСМ, во кој беше наврапито примен, кога партијата се подели околу прашањето дали да се учествува или не на локалните избори во 2013. Јакимовски (претходно и два пати министер за економија и труд и социјална политика) беше дел од либералното парче кога се формираше Либерално-демократската партија. За Клековски изгледа дека опкружувањето на граѓанскиот свет во ГРОМ изгледаше прифатливо. Особено кога кандидатот на партијата на претседателските избори во 2014, Зоран Поповски, освои респектабилни 31.000 гласови. Стевчо Јакимовски во 2021 по трет пат стана градоначалник на Карпош.

Но веднаш потоа коалицијата на ГРОМ со ВМРО-ДПМНЕ се растури (и самиот Јакимовски излезе на изборите како независен кандидат), поради обидот на вмровскиот врв да управува со работата на Јакимовски како градоначалник на Крапош. Единствениот пратеник на ГРОМ во парламентот се приклучи во вмровските редови, а за Клековски дојде време да се префрли од граѓанско-патриотскиот во национално-патриотскиот блок. И да даде свој придонес во вмровското конципирање на политиката.

24 инфо“ пишува дека ќе биде невообичаено сега Клековски да застане во одбрана на Христијан Мицкоски во неговата јавна пресметка со Јакимовски. И тоа изгледа логично. Како што е логично дека за Клековски светот на ГРОМ станал претсен и решил да направи политички трансфер во партијата со која иако има слични идеолошки становишта. И во која, сепак е дојденец. Но тоа изгледа слично како и со фудбалите – мораш да го дадеш максимумот на новиот клуб.

Но и дојденците може да дадат значаен придонес за партиската програма, без оглед што тоа за нив е нов свет, кој е поинаков од невладината слобода. Но, секој си го одбира патот, па така и Сашо Клековски. (Н.В.)