Партнерство со „Лидл“: Катализатор за стандардизација и раст на македонските производители
Од фабриките во Радовиш до полиците на „Лидл“ (Lidl) во неколку европски земји – за македонските производители се отвора нова ера на конкурентност. За време на неодамнешната посета на германската амбасадорка, Н.Е. Петра Дрекслер, на производствените капацитети на „Млекарница Ѓоргиеви“ и „Бестфуд ТИ“ во Радовиш, се дискутираше за придобивките од партнерството со „Лидл“ како мост кон европските пазари.
„Бестфуд ТИ“ соработува со „Лидл“ од 2023 година и веќе произведува производи од цвекло, пиперки и феферони за сопствената марка на „Лидл“, Freshona. Нивните производи досега биле пласирани во рамки на промотивните недели на македонски производи во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска. „Млекарница Ѓоргиеви“ пак наскоро започнува и со производство на млечни производи за брендот Pilos. Сопствените марки се во основата на бизнис моделот на „Лидл“ и алатка за гарантирање на висок квалитет и пристапни цени. Нивното производство подразбира високи стандарди за квалитет и безбедност, соодветни сертификати и редовни независни проверки. Контролата го опфаќа целиот процес, од суровините и условите во производството, до завршната проверка на финалниот артикл.

Стефан Георгиев, комерцијален директор во Лидл Северна Македонија, објасни што всушност претставува овој модел на соработка. „Кога домашна компанија почнува да произведува за сопствена марка на „Лидл“, влегува во систем со високи барања за квалитет, безбедност и следливост. Исполнувањето на тие критериуми бара инвестиции и унапредување, но ги прави компаниите поконкурентни и подобро подготвени за европските пазари. Затоа соработката со локалните производители ја гледаме како можност за долгорочен развој и нови извозни можности. Со ефикасен синџир на снабдување и соработка со домашните компании, можеме да понудиме производи со висок квалитет по достапни цени, а истовремено да го поттикнеме локалното производство и извозот“, вели Георгиев.

Германската амбасадорка во земјава, Н.Е. Петра Дрекслер, при посетата на производствените капацитети во Радовиш, истакна дека исполнувањето на високите европски стандарди е клучен двигател за развој на домашните компании. „За македонските производители, соработката со големите трговски ланци претставува директен мост кон европскиот пазар. Применувањето на овие стандарди не е само услов за партнерство, туку механизам што на домашните бизниси им ги отвора вратите за долгорочна конкурентност на европската економска мапа – клучен чекор кон членството во ЕУ“ изјави амбасадорката Дрекслер.
Крсте Ѓоргиев, управител на „Бестфуд ТИ“, вели дека работењето пред и по почетокот на соработката со „Лидл“ значително се разликува. Барањата на компанијата, особено во однос на IFS сертификатот за безбедност, поттикнаа надградување на деловните модели и сериозни инвестиции: „Соработката со „Лидл“ беше силен мотив дополнително да го унапредиме нашето производство. За да ги исполниме строгите стандарди, инвестиравме во нова опрема, технологија и системи за контрола на квалитетот. Ова усогласување не само што ги подигна нашите критериуми, туку нè направи поконкурентeн и стабилен партнер, подготвен за кој било европски пазар“, изјави Ѓоргиев.

Адриана Панева, директор на „Млекарница Ѓоргиеви“ изјави дека млекарницата продолжува со инвестиции во нова опрема за автоматизација на производството. „Стандардите на „Лидл“ ги вградивме во секој дел од процесот – од откупот на сурово овчко и козјо млеко од локалните фарми, преку производството, до финалната контрола. Стартот на производството за брендот Pilos е значаен чекор за нашата млекарница и за нашите кооперанти“, изјави Панева.
Од двете компании истакнуваат дека соработката со „Лидл“ расте и напредува, а зголемениот обем на производство и извозот преку синџирот на „Лидл“ маркетите се потврда за квалитетот на домашното производство. Посетата на амбасадорката ја сметаат за признание за досегашните напори и за довербата што меѓународните партнери ја имаат во капацитетите на двете компании. „Бестфуд ТИ“ и „Млекарница Ѓоргиеви“ продолжуваат со инвестиции во модернизација и автоматизација на производството, со цел да одговорат на растечката побарувачка – како на домашниот, така и на извозните пазари.
„Лидл“ досега има инвестирано повеќе од 200 милиони евра во развој на современа инфраструктура во земјата. Во 2025 година, извозот на македонски производи преку мрежата на „Лидл“ достигна 15,5 милиони евра, потврдувајќи го потенцијалот на домашните производители.
Како дел од Schwarz Group, еден од водечките европски трговци со храна, компанијата управува со околу 12.900 маркети во 31 држава. Наскоро се очекува „Лидл“ да ги отвори своите врати низ Македонија, овозможувајќи им на домашните потрошувачи пристап до својата квалитетна понуда по достапни цени.