Партијата на Турците, ТХП, незадоволна од законот за правична застапеност
Предлог-законот за соодветна и правична застапеност, поднесен до Собранието на Република Северна Македонија, иако декларативно има за цел да обезбеди правична застапеност на сите етнички заедници во државните институции, предизвикува сериозни дилеми како во однос на начинот на неговото подготвување, така и во однос на неговата содржина, вели во соопштение Партијата за движење на Турците (ТХП).
Според неа, неприфатливо е што мислењата и предлозите на помалубројните етнички заедници не биле соодветно земени предвид. „Кога станува збор за закон кој директно го уредува принципот на правична застапеност, исклучувањето на помалубројните етнички заедници од процесот е спротивно на принципите на инклузивност и учество.
Во својата сегашна форма, предлог-законот не нуди појасен и попредвидлив систем од досегашниот. Напротив, предложената методологија не обезбедува конкретни и недвосмислени решенија за спроведување на правичната застапеност, туку отвора простор за бројни нејаснотии. Не е доволно јасно дефинирано на кој начин институциите ќе го применуваат овој принцип и според кои критериуми ќе се оценува неговото спроведување“, вели ТХП во соопштението.
Дополнително загрижува и фактот што во механизмите за следење и надзор повторно се занемаруваат помалубројните етнички заедници. Со отсуството на нивно ефективно и директно учество во надзорните процеси, уште еднаш судбината и заштитата на правата на етничките заедници се оставаат во рацете на мнозинството“, велат од партијата.