Парното нема да поскапи


Фото: Б. Грданоски

И покрај барањето на Балкан Енерџи Груп (БЕГ) за поскапување на цената на парното греење за претстојната грејна сезона, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои вкупната цена на испорачаната топлинска енергија на трите компании во Скопје во просек незначително се намалува.

Од РКЕ соопштија дека сметките што ќе ги добиваат потрошувачите приклучени на БЕГ, ЕЛЕМ Енергетика и Скопје Север практично ќе останат на исто ниво како и во изминатата грејна сезона. Одлуките за цената на парното греење требаше да се донесат на крајот на јули, но регулаторите ја одложија за еден месец ваквата одлука поради сериозни забелешки што беа доставени од БЕГ.

„Анализите укажуваат дека греењето на топлинска енергија преку централните системи за греење на трите компании во град Скопје останува најекономично и еколошки нај оправдано решение. Апелирам секое домаќинство што е приклучено на системите на топлинска енергија од трите компании на територијата на град Скопје да го користат овој енергенс“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Во Скопје во моментов на трите централни системи за греење се приклучени околу 58.000 потрошувачи на парно греење. Изминативе години цената на парното греење во главниот град забележува постепен пад, а само лани греење преку БЕГ како најголем снабдувач забележа поевтинување од 6 отсто во однос на 2018 година. Намалувањето на цената на топлинската енергија во изминативе години придонесе граѓаните да донесат одлуки за повторно приклучување кон трите централни системи.