Париз го повика американскиот амбасадор по неговите обвинувања против Макрон

Франција денеска го повика американскиот амбасадор во Париз, Чарлс Кушнер, по неговите „неприфатливи“ коментари упатени кон францускиот претседател Емануел Макрон, кого дипломатот го обвини за „недостаток на доволно мерки“ за борба против антисемитизмот.
„Изјавите на амбасадорот се неприфатливи. Тие се спротивни на меѓународното право, а особено на обврската да не се меша во внатрешните работи на државите предвидена со Виенската конвенција од 1961 година, која ги регулира дипломатските односи“, подвлече синоќа Министерството за надворешни работи.
Американскиот амбасадор во Франција, Чарлс Кушнер, вчера го осуди „недостатокот на доволни мерки“ од страна на претседателот Емануел Макрон во борбата против антисемитизмот, повторувајќи ги критиките на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Во писмо упатено до шефот на државата, амбасадорот изрази „длабока загриженост за порастот на антисемитизам во Франција и недостатокот на доволни акции од страна на неговата влада во борбата против него“.