„Пари“: Трговијата со струја лани била неисплатлива, трговците заглавиле во дебели минуси


Фото: Б. Грданоски

Иако се во друштото на 100 НАЈГОЛЕМИ НАЈПРИХОДНИ КОМПАНИИ во 2021 година, со дебел минус минатата година ја завршиле: ЕВН хоум, ЕВН Електроснабдување, Енерџи диливери солушн, Тера енерџи трејдинг и Феникс фарма. Зедничко на сите нив, со исклучок на Феникс фарма, е што тоа се компании од енергетска дејност. Заедничка загуба на овие 5 компании е дури 20,3 милиони евра, а само на четирите енергетските компании е 20,2 милиони евра.

До овој заклучок се доаѓа ако се разгледа листата на 100 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ПО ПРИХОД, за кои Пари веќе пишуваше https://pari.com.mk/100-najgolemi-kompanii-po-prihodi-2021/.

100-те компании кои направиле најголем приход во државата во 2021 година, заеднички собрале дури 10,3 милијарди евра. Добивката која им останала по подмирувањето на сите трошоци изнесува 735,5 милиони евра. Секако, во оваа заедничка добивка некој партиципирал повеќе, а некој помалку, но 5 компании годината ја завршиле со загуба.

Компании од 100 НАЈГОЛЕМИ ПО ПРИХОД во 2021 година кои направиле загуба 

ЕВН Хоум ја извршува улогата на универзален снабдувач со електрична енергија и снабдувач во краен случај. Како универзален снабдувач ги снабдува со струја  домаќинствата и 72.000 мали потрошувачи. Компанијата минатата година собрала 335,8 милиони евра, што е четврти најголем приход во државата, но направила загуба од 703.000 евра. Во 2020 година пак, оваа компанија имаше загуба од дури 12 милиони евра!

ЕВН Снабдување нуди услуги на корисниците кои се снабдуваат со електрична енергија на отворениот пазар. Оваа компанија лани успела од продажба на струја на либерализираниот пазар да фактурира 81 милион евра, но со тој приход кој ја позиционирал на 35-то место по приходи во државата, компанијата била во загуба од 1,6 милиони евра. Инаку, во 2020 година компанијата имала добивка од речиси 1 милион евра.

Компанијата за трговија со електрична енергија Енерџи деливери солушнс (ЕДС) од април 2018 година е дел од грчката компанија „Паблик пауер корпорејшн“. Иако, на прв поглед компанијата се бави со една од најпрофитните работи – трговија со струја, во време на енергетска криза кога цените на берзите достигнаа невидени рекорди, а кога трговците со струја имаа склучено поинакви договори, ЕДС лани направи мунус од дури 16,5 милиони евра, и покрај приходите од 69,5 милиони евра кои ја позиционораат на 46-то место на најприходни компании. Но, компанијата имаше загуба и во 2020 година, а минусот изнесуваше 3,7 милиони евра.

Уште еден трговец со струја 2021 година ја завршил со минус, иако е во 100-те најголеми најприходни компании ( на 58-мо место). Станува збор за Терна енерџи трејдинг, компанија која лани во својата каса ставила 55 милиони евра, но тие не биле доволни да направи добивка, туку напротив годината ја завршила со минус од 510.000 евра. Загуба имала и во 2020, но многу помала – 36.000 евра. Интересен факт е и што компанијата има само еден вработен.

 

Единствена компанија која  е на списокот на 100 најголеми најприходни компании, а која не е загубар од енергетскиот сектор, е Феникс фарма. На официјална страница на Феникс групацијата пишува:

„Преку нашите компании „Феникс фарма“ и „Европа лек фарма“ (ЕЛ Фарма) нудиме широк спектар на дополнителни услуги за нашите партнери, а преку партнерската програма BETTY обезбедуваме највисок стандард на фармацевтска услуга. И не само тоа. Наша обврска е како лидер на пазарот да создадеме трендови и да ги развиваме фармацевтските пазари на кои работиме со иновативен пристап и да одговориме на растечките очекувања на пациентите и потрошувачите навремено и ефикасно“.

Феникс фарма лани направила приход од 47 милиони евра, но влегла во загуба од 930.000 евра. Во 2020 година компанијата имала добивка од 30.000 евра.

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/trgovijata-so-struja-lani-bila-neisplatliva-debeli-minusi/