Пари од унгарскиот заем ќе може да се добиваат за сѐ, освен за алкохол, тутун и коцкање
Парите ќе бидат достапни за фирмите веднаш штом банките ќе го потпишат договорот со Развојна банка. Нема ограничување до кога ќе може да аплицираат
Владата на денешната седница донесе одлука со која ги става на располагање 250-те милиони евра од унгарскиот заем наменети за компаниите, кои ќе станат достапни веднаш штом Развојаната банка ги потпише договорите со деловните банки. Во овој процес се вклучени сите банки во земјава, преку кои фирмите ќе може да аплицираат за поволни кредити со каматна стапка од 1,95 отсто, со рок на враќање до 15 години, во кој е вклучен и грејс период од три години и без дополнителни трошоци за одобрување, управување или предвремено враќање на средствата.
„Парите од унгарскиот заем во износ од 250 милиони евра ќе може да ги користат сите компании од сите дејности, освен оние од секторот на производство или трговија на алкохолни пијалоци (освен на пиво и вино), производство или трговија со тутун, како и дејности поврзани со коцкање, казина и еквивалентни претпријатија“, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски на која ги презентираа финалните владини одлуки во врска со овој кредит, чија операционализација доцни повеќе од еден месец.
Причината за ова, како што беше образложено пред новинарите, меѓу другото е и поради проширување на опфатот на фирмите коишто ќе може да очекуват финансирање на нивните проекти, а тоа било направено откако биле согледани анализите достапни на страницата на Народната банка, кои покажувале дека вкупниот износ на кредити кои компаниите ги побарувале од банките во текот на една година бил отприлика колку што е и кредитната линија од 250 милиони евра која ја нуди сега Владата.
„Парите ќе бидат достапни веднаш штом банките ќе го потпишат договорот со Развојната банка и нема да има ограничување на рокот до кога ќе може да се користат, освен оние 15 години кои што се предвидени за враќање на кредитот. Доколку парите од овој кредит се вратат кон банките пред овој период, банките повторно ќе може да ги пласираат, под истите услови“, беше објаснето на прес-конференцијата, при што беше додадено дека во одобрување на кредитите ќе учествуваат сите банки и дека нема ограничувања која банка колку пари може да повллече, освен ограничувањата за секоја банка што произлегуваат од правилата и процедурите кои што ги наметнува Народната банка и Законот за банки.
„На владина седница којашто сѐ уште трае беше донесена одлука со која се ставаат на располагање на стопанството 250 милиони евра за инвестиции и развој на домашните компании, историски најголема сума до сега која што директно се става на располагање на стопанството, и претставува прва одлука со ваков износ, кој до сега државата го обезбедила за стопанството, домашните компании и фирми и истите тие може да ги користат овие пари преку давање на супер ниска каматна стапка“, истакна премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека овие пари се од унгарската кредитна линија, а методологијата по која ќе станат достапни за компаниите е преку Министерството за финансии кое со цел воспоставување на кредитната линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва ѝ одобри на Развојната банка бескаматен заем во износ од 250 милиони евра.
„Развојната банка ќе ги стави на располагање на банките учесници преку рамковен договор, со учество со намена финансирање на инвестициите и развој на приватните трговски субјекти запишани во Трговскиот регистар, појасни Мицкоски.
Банките ќе ги одобруваат кредитите на крајните корисници при што средствата може да се користат за инвестиции во основни средства, а крајниот корисник задолжително учествува со минимум 20 проценти од вредниоста на инвестицијата.
„Каматната стапка на годишно ниво останува 1,95 отсто без дополнителни надоместоци за одобрување, управување и предвремена отплата на средствата. Максималниот износ на кредитот ќе биде до 10 милиони евра во денарска противвредност“, рече Мицкоски, кој изрази благодарност до банките за подготвеноста да учествуваат во распределбата на овие пари за стопанството.
Тој нагласи дека очекува значајно влијание за стопанството со овие средства кои „доаѓаат во време на криза, предизвици и отежнати глобални услови за домашните компании“.
„Нашите калкулации се дека ова ќе обезбеди нови вработувања и сигурна работа за многу компании и очекуваме неколку илјади нови работни места“, рече премиерот Мицкоски.
Министерката за финансии Димитриеска-Кочоска истакна дека овие средства кои ќе бидат насочени кон македонското стопанство се огромна поддршка и поттик за македонската економија „во обем ретко или никогаш невиден“.
„Постапката ќе биде максимално транспарентна и условите ќе бидат еднакви за сите компании. Со денешните одлуки донесени од страна на Владата, влегуваме во последната фаза од операционализација на средствата од унгарскиот заем наменети за компаниите“, рече министерката Димитриеска Кочоска.
Таа додаде дека со потпишување на договорите се отвора патот Развојна банка да добие средства од Буџетот, а понатаму да бидат пренесени во комерцијалните банки учеснички во оваа програма и оттаму и до компаниите.
„Сметам дека вака креираниот производ е навистина конкурентен и ќе има голем интерес од страна на домашните компании“, рече таа, додавајќи дека дополнителна поволност е што кредитот за крајниот корисник, односно компаниите, треба да се одобри без надомест за одобрување и управување.
„Целта беше да креираме можности за реализација на одржливи инвестиции и затоа поддршката е насочена во сите сектори за инвестиции во основни средства за кои домашните компании треба да учествуваат со минимум 20 проценти сопствени средства. Тоа значи дека може да аплицираат сите компании од сите сектори и на тој начин да се постигне поголема апсорпција на средства од кредитната линија и да се поддржат што е можно повеќе инвестиции. Исклучок од оваа широко поставена поддршка се секторот на производство или трговија на алкохолни пијалоци (освен на пиво и вино), производство или трговија со тутун, како и дејности поврзани со коцкање, казина и еквивалентни претпријатија“, нагласи Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека задача на Владата и Министерството е да овозможат фер услови за сите компании.
„Средствата ќе бидат доделувани транспарентно и секоја компанија има еднакви можности и исти услови за нивно користење“, рече таа.
Исплатата од банките ќе се врши врз основа на доставена документација од страна на компаниите.
„Овој инвестициски циклус е дел од нашиот нов концепт за економски раст заснован на инвестиции со кои се влијае и на подобрување на продуктивноста на компаниите“, рече Димитриеска-Кочоска.
Откако Развојната банка ќе ги потпише договорите со деловните банки, парите на месечна основа ќе се префрлаат до комерцијалните банки кои потоа ќе ги пренасочат до идните корисници.
„Акцент имаат производните компании, но ако ги погледнете анализите достапни на страницата на НБРМ ќе видите дека генерално пласманите кои што ги прават банките годишно не се нешто многу поголеми од овој износ и затоа се одлучивме да се отвориме кон сите компании“, рече министерката Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека според информаци банките, тие веќе имаат договорени и одобрени пласмани за коишто само чекаат потпишување на документацијата и соодветната исплата ќе може веднаш да се реализира.
Инаку, ризиците за одобрените кредити ќе паднат на товар на комерцијалните банки, што значи дека тие дополнително ќе утврдуваат за какво обезбедување ќе имаат потреба.
„Дали банките ќе ги пласираат средствата кон фирми кои што не дај боже ќе пропаднат, тоа е ризик кој што го договаравме со банките и затоа ни требаше повеќе време за да ги договориме. Државата не го презема тој ризик, тој ризик го преземаат банките“, рече Димитриеска-Кочоска.