Папата Лав Четиринаесетти ќе ги посети Турција и Либан во ноември на првото странско патување


Папата Лав Четиринаесетти ќе отпатува во Турција и Либан кон крајот на ноември, соопшти денеска Ватикан. Тоа ќе биде прва посета надвор од Италија за новиот водач на 1,4 милијарди припадници на светската католичка црква.

Лав, кој е првиот папа од Соединетите Американски Држави во историјата, ќе биде во Турција од 27 до 30 ноември пред да се упати кон Либан, каде што ќе престојува од 30 ноември до 2 декември, соопшти агенцијата. Во Либан, се очекува папата да зборува за тешката положба на христијаните на Блискиот Исток и да апелира за мир во регионот.

Лав беше избран од католичките кардинали од целиот свет на 8 мај за да го замени починатиот папа Франциск, кој планираше да ги посети двете земји, но не можеше да оди поради здравствени проблеми.

Се очекува папата да се сретне во Турција со вселенскиот патријарх Вартоломеј, духовниот водач на 260 милиони православни христијани во светот, како дел од прославите по повод 1700-годишнината од значајниот раноцрковен собор одржан во Никеја (сега Изник).

-Многу е симболично што папата Лав ќе го посети (патријархот) на своето прво официјално патување, изјави преподобниот Јован Хрисавгис, советник на Вартоломеј.

Свештеникот додаде дека папата „несомнено се стреми да го изрази и потврди својот идентитет како христијанин во свет со многу различни вери, каде што сите луѓе, без оглед на религијата или расата, се повикани да живеат заедно во меѓусебно разбирање“.

Првите патувања на новиот папа обично се сметаат за индикација за прашањата што папата сака да ги истакне за време на своето владеење. Со месеци се очекуваше Лав да отпатува во Турција за своето прво патување во странство, но дополнителна посета на Либан се појави дури во дискусиите во последните недели.

Ватиканските власти велат дека папата сака да упати повици за мир и да ја оддаде почит на хемиската експлозија во 2020 година во пристаништето во Бејрут, во која загинаа 200 луѓе и предизвика штета од милијарди долари.