Папата го поддржа откажувањето од патентите за вакцините против Ковид-19
Папата Франциско ја понуди својата поддршка за откажување од патентите за вакцини за корона вирусот за да се зголеми снабдувањето во посиромашните земји, во видео порака на концертот „Вакс во живо“.
Аргентинскиот понтиф го поддржа „универзалниот пристап до вакцината и привременото суспендирање на правата на интелектуална сопственост“ на снимката направена на неговиот мајчин шпански јазик.
Франциско, кој постојано зборуваше за потребата од споделување вакцини, го осуди „вирусот на индивидуализам“ што „нè прави рамнодушни кон страдањето на другите“.
„Варијанта на овој вирус е затворен национализам, кој спречува, на пример, интернационализам на вакцините“, рече тој. „Друга варијанта е кога ќе ги ставиме законите на пазарот или интелектуалната сопственост над законите на љубовта и здравјето на човештвото“.
Неговите коментари доаѓаат откако САД објавија изненадувачка поддршка за глобално одрекување од заштитата на патентите за вакцините против Ковид-19.
На овој потег жестоко се спротивставија големите производители на лекови и велат дека тоа би претставувало преседан што може да ги загрози идните иновации и инсистираат на тоа дека овој потег нема да го забрза производството.
Многу европски земји, предводени од Германија и Франција, се дистанцираа во петокот од предлогот, тврдејќи дека клучот за крај на пандемијата Ковид-19 е побрзо правење и споделување на вакцини.