Папата Франциск импресиониран од претседателот Иванов: Во Македонија има верска почит!


Во Македонија има верска почит…се зборовите на македонскиот претседател Ѓорге Иванов од кои Папата Франциск бил импресиониран на нивната вчерашна средба во Скопје, јави Католичката новинска агенција, пренесувајќи ја прес-конференцијата на Неговата Светост, одржана на повратниот лет од Скопје кон Рим.

„Во Македонија, силен впечаток ми остави една реченица што ми ја кажа претседателот: „Тука ние немаме религиска толеранција, туку почит“. Тие имаат почит. Во денешниот свет почитта недостасува многу. Почит за човековите права, ни недостасува почит за многу работи, почит за децата, почит за постарите. Впечатливо е што мистиката на една земја е токму почитта“, рече Папата Франциск за време на враќањето кон Рим, прашан која е најголемата импресија што со себе ќе ја понесе од посетата на Македонија.

„Македонија има идентитет и сега треба да го консолидира како народ со мали, големи проблеми, како што е името, и ова ние сите го знаеме. Двете земји (Македонија и Бугарија) имаат христијански, католички и муслимански заедници. Процентот на православните заедници е голем во двете земји, а помал на муслиманската заедница и уште помал е процентот на католичката заедница. Во Македонија уште повеќе за разлика од Бугарија. Нешто што видов во двете земји се добри односи меѓу двете вери“, рекол Папата Франциск.