Паника меѓу бугарските лидери од новиот закон „Магнитски“ на Петков

Предлог-законот е опишуван како „апсолутен фашизам“ наменет пред се за справување со незгодните политички партнери.


Информациите дека Владата предлага формирање Меѓуресорски совет кој ќе го штити  економско-финансискиот систем од ризици за националната безбедност, а главен ќе биде министерот за финансии Асен Василев, предизвика незадоволство и кај партнерите во власта и кај опозицијата. Ниту една од политичките формации не изрази поддршка за проектот за вонредно тело, што вчера го објави Бугарското национално радио. Коалиционите партнери негираа  дека за тоа било разговарано на експертско или лидерско ниво.

Министерството за правда излезе со соопштение во кое потврди дека е формирана работна група за изготвување на закон за  заштита на  економската и финансиската безбедност на државата, но нема врска со текстот што го шират медиумите. Партиите пак најавата ја оквалификуваа во распон од „ползечки фашизам“ до „политичка патологија“

„Закон во ваква форма во никој случај не може да биде поддржан од Демократска Бугарија“, рече  Христо Иванов. Според него, текстот во предлог-законот има контрадикторности, создава проблеми со Уставот и со Европската конвенција за човекови права. Иванов призна дека ова прашање се отвора сега бидејќи имало луѓе кои биле загрижени за нов бран санкции со „Магнитски“ и тоа што Бугарија станува редовен клиент на овој механизам за санкции.

Лидерот на „Да, Бугарија“ коментираше дека Бугарија треба да ги регулира домашните последици од ваквите интервенции за да не се одразат негативно на финансискиот систем на земјата, но според него најдобро би било „да го среди обвинителството“.

Социјалистите воздржано го коментираат предлог-законот објавен во медиумите. Румен Гечев од БСП рече дека нема да ги коментира гласините на Интернет. Претседателот на пратеничката група Георги Свиленски додаде дека текстовите не се коментирани во коалицијата, „тие се апсолутно неприфатливи и не можат да бидат поддржани“.

Најчесто, предлог-законот е опишуван како „апсолутен фашизам“, наменет пред се за справување со незгодните политички партнери. Терминот го употреби и пратеникот од „Има таков народ“ Станислав Балабанов и Хамид Хамид од ДПС. Првиот рече дека „тоа што  некогаш поминува  низ главата на изопачен политичар не може да биде поддржано од нормални луѓе“. Балабанов, сепак, изрази надеж дека предлог-законот бил дискутиран и дека нема да биде применлив бидејќи, според неговите зборови, наликува на комунистички методи.

Според Хамид Хамид, текстот е пронајден некаде во архивата на Лоренс Берија (шеф на советските тајни служби под Јосиф Сталин), во компилација со делата на Химлер и Гебелс (министри во кабинетот на Хитлер директно одговорни за холокаустот).

„За владата е добра работа да ги потчини своите коалициски партнери, кои со денови мрморат во една или друга насока“, рече Хамид. Во ист дух и со референци за Хитлерова Германија зборуваше и водачот на „Вазраждане“ Костадин Костадинов. Хамид иронично вели дека предлог-законот има за цел да ги „среди“ најмногу лидерите на „Има таков народ“ и на БСП – Слави Трифонов и Корнелија Нинова.

Заменик-претседателот на ГЕРБ, Томислав Дончев, исто така виде „потенцијал за пресметка со незгодните партнери“ и изрази уверување дека текстот никогаш нема да ја види светлината на денот, бидејќи е во спротивност со барем неколку членови од Уставот. Според него, документот покажува „индивидуална и политичка патологија“.

Според соопштението на Бугарското национално радио, кое тврди дека го поседува документот, во текстовите се бара од Меѓуресорскиот совет да состави национални списоци на лица кои вршат кривични дела во економскиот и финансискиот систем и ќе го надополнува американскиот закон „Магнитски“ според кој има санкционирани Бугари, како пратеникот Делан Пеевски од ДПС. Списоците ќе ги опфатат сите оние за кои се собрани податоци дека користат високотехнолошки производи за криминални цели, кои вршат злоупотреби и измами во сајбер просторот и други нерегулирани активности на инвестициски посредници. Тие ќе ги опфатат и сите што се обидуваат да префрлат средства од неидентификувано потекло преку бугарски банки, како и да прават злоупотреба на фондовите на ЕУ. Давањето информации на новото тело нема да може да се одбие поради банкарска, комерцијална, државна или службена тајна. Партиите чии лидери или основачи се на списокот ќе бидат лишени од субвенции, што е уште еден контроверзен дел во текстот.