Пандов: Во затворите имаме богати криминалци – даваат илјадници евра за внесен телефон


Затворите се најкорумпирани од сите институции на системот во Македонија, тврди денеска на прес-конференција директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов. 

Тој вели дека дел од затворските полицајци внесуваат телефони за затворениците, а оние чесните кажуваат дека им биле нудени по неколку илјади евра за на некој затвореник да му внесат телефон во затворот. Пандов појаснуваше дека во македонските затвори има криминалци кои се многу богати, кои парите ги имаат од дрога, шверц на мигранти и друго, па лесно им е да подмитат некого. Некои со пари, а некои со други поволности.

За илустрација, Пандов рече дека бил во посета на хрватските затвори, каде во 2023 година се најдени само 26 мобилни телефони, а во Косово на 1.700 затвореници биле најдени 51 телефон во 2024 година. Кај нас пак, по неколкуте претреси биле најдени над 1.000 телефони. 

На идејата за поставување блокатори на сигнал, Пандов вели дека тоа не е изводливо, затоа што околу затвоите има изградено станбени објекти, па блокаторот ќе ги оневозможи и нивните телефони.

– Затворот „Скопје“, односно „Шутка“, како што го знаат граѓаните,   кога бил граден, околу него немало никакви објекти. Сега, не знам кој давал дозволи, ама да плукнеш од таа зградата во близина, плунката ќе падне во затворскиот двор“ – опишува Пандов. Вели дека слична е состојбата и со другите македонски затвори, кои се опкружени со станбени објекти, речиси во секој град каде што постојат.

Информираше дека се завршени и сите процедури околу алките за затворениците и очекува во наредните неколку недели да бидат ставени во функција, а денес е добиено и одобрување од Министерството за финансии за вработување на 171 лице од кои најголем дел се за затворски полицајци.