Палестинците во Израел почнаа генерален штрајк, бомбите и натаму паѓаат во Газа


Палестинец пребарува по остатоци од шесткантана зграда уништена од израелски удар во вторникот пред изгрејсонце (Фото: АП)

Израелските сили ја урнаа и зградата во која се наоѓаа библиотеки и едукативни центри кои припаѓаа на Исламскиот универзитет

 

Палестинците во Израел и окупираните територии започнаа штрајк во ретка колективна акција против израелската политика во вторникот, додека израелските бомби паѓаат врз Газа а милитантите испукаа десетици ракети од територијата што ја управува Хамас.

Бидејќи војната во Газа не покажа знаци на смирување и обидите за примирје очигледно се запрени, генералниот штрајк и очекуваните протести може повторно да го прошират конфликтот по грч на комунално насилство во Израел и протести низ окупираниот Западен Брег минатата недела.

Во вторникот со воздушните напади беше урната шесткатница во која се наоѓаа библиотеки и едукативни центри кои припаѓаа на Исламскиот универзитет, оставајќи зад себе огромен рид од арматурни и бетонски плочи. Во остатоците може да се видат работни маси, канцелариски столици, книги и компјутерски жици. Жителите пребаруваа низ урнатините, барајќи ги своите предмети.

Палестинец седи сам во Наблус во Западниот Брег додека сите продавници се затворени поради генералниот штрајк (Фото: АП)
Еврејска куќа погодена со ракети на Хамас испукани од газа во Израелскиот град Ашдод (Фото: АП)

Израел ги предупреди жителите на зградата пред време, испраќајќи ги да бегаат во мракот пред зората и нема извештаи за жртви. Израел соопшти дека се насочува кон милитантите, нивните тунели и ракетни фрлачи низ целата територија.

„Целата улица започна да трча, потоа уништување, земјотрес“, рече Џамал Херцалах, жител на областа. „Целата оваа област се тресеше“.

Најмалку 213 Палестинци се убиени во силни воздушни напади од 10 мај, вклучително 61 дете и 36 жени, со над 1.440 ранети лица, според Министерството за здравство во Газа, кое не ги дели бројот на борци и цивили. Како што траат борбите, медицинските материјали, горивото и водата ги снемува во Газа. Десет лица во Израел, вклучително и 5-годишно момче и војник, се убиени во тековните ракетни напади започнати од цивилни области во Газа кон цивилни области во Израел.

Без крај на борбите, Палестинците во Израел, источен Ерусалим и окупираниот Западен брег почнаа генерален штрајк во вторникот. Тоа е ретка претстава на единство меѓу палестинските граѓани на Израел, кои сочинуваат 20% од неговото население, и оние на териториите што Израел ги зазеде во 1967 година и кои Палестинците долго време ги бараат за сопствена идна држава.

Штрајкот е во знак на протест против војната во Газа и израелската политика, за која многу активисти и некои групи за заштита на човековите права велат дека претставуваат сеопфатен систем на апартхејд, кој им ги негира на Палестинците правата што им ги даваат на Евреите. Израел ја отфрла таа карактеризација, велејќи дека нејзините граѓани имаат еднакви права. За тоа го обвинува Хамас, исламската милитантна група што ја контролира Газа и ја обвинува за поттикнување насилство низ целиот регион.

Израелската војска во вторникот соопшти дека стрелала кон 65 милитантни цели, вклучувајќи ракетни фрлачи, група борци и домови на командантите на Хамас, за кои армијата соопшти дека се користат како воени цели. Се наведува дека повеќе од 60 борбени авиони учествувале во операцијата.

Војската соопшти дека соборила и дрон „кој се приближува до израелската граница“ на северо-исток, далеку од борбите во Газа. Не беше кажано од каде потекнува беспилотниот авион, но можно е дронот да дошол од Сирија.

Војската соопшти дека палестинските милитанти истрелале 90 ракети, од кои 20 паднале пребрзо, во Газа. Израел соопшти дека неговата ракетна одбрана пресретнала околу 90% од ракетите.

Нападите на израелските сили оштетија најмалку 18 болници и клиники и целосно уништија една здравствена установа, се вели во новиот извештај на Светската здравствена организација. Речиси половина од сите основни лекови на територијата се потрошени. (АП)