Паѓаат каматите на кредитите, но и на депозитите

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во мај годинава изнесуваше 4,83 отсто, со што продолжи трендот на месечен и годишен пад, од 0,03 односно 0,37 процентни поени, покажуваат најновите податоци што денес ги објави Народната банка. Истоврмено, просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесуваше 1,10 отсто што е за 0,01 , односно 0,31 процентни поени помалку на месечна, односно на годишна основа.

Како што наведува Народната банка, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во мај годинава, бележи раст од 0,15 процентни поени на месечно ниво и изнесува 3,92 отсто, додека на годишно ниво се намали за 0,76 процентни поени. Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 0,62 отсто и забележа минимален месечен раст од 0,01 п.п. Во споредба со мај минатата година, оваа каматна стапка е пониска за 0,69 п.п., се наведува во извештајот.
Кај
корпоративниот сектор во мај просечната каматна стапка на вкупните кредити беше помала за 0,04 процентни поени во однос на претходниот месец и изнесуваше 3,97 отсто.

„Надолната промена е резултат на намалувањето на сите компоненти, и тоа: каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,06 п.п.), каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,03 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,02 п.п.)“, објаснуваат од Народната банка.

На годишна основа просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор бележи пад од 0,51 процентни поени.

Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор изнесуваше 3,71 отсто и е зголемена за 0,05 п.п. на месечна основа.

„Анализирано според валутната структура, растот се должи на зголемувањето на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,32 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,03 п.п.), а во услови на пад кај каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,30 п.п.)“, се вели во извештајот при штто се додава дека споредено на годишно ниво, оваа каматна стапка е намалена за 0,63 процентни поени.

Во мај, просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор, бележи месечен пад од 0,04 п.п. и изнесува 1,24 отсто. Надолната промена произлегува од намалувањето на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,09 п.п.) и каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,02 п.п.), при остварен раст на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,02 п.п.). Каматната стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е намалена за 0,37 п.п., во однос на мај 2019 година.

Во однос на каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор таа беше 0,34 отсто и е пониска за 0,03 п.п. на месечно ниво.

Како што објаснуваат до Народната банка, падот е резултат на намалувањето на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,30 п.п.) и каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,06 п.п.), во услови на раст на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,56 п.п.). На годишно ниво, каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор забележа пад од 0,78 процентни поени.

Просечната каматна стапка на вкупните кредити на домаќинствата, во мај, оствари минимален месечен пад од 0,01 п.п. и изнесува 5,64 отсто.

„Месечниот пад се должи на пониските каматни стапки на денарските кредити без и со валутна клаузула (за 0,01 п.п., соодветно), во услови кога каматните стапки на кредитите во странска  валута се непроменети. Во споредба со мај 2019 година, оваа каматна стапка е намалена за 0,30 процентни поени“, се вели во извештајот.

Во мај годинава, каматната стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата изнесуваше 4,43 отсто и бележи раст од 0,05 п.п. на месечна основа. Притоа, месечниот раст целосно е резултат на каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,14 п.п.), при остварен пад кај каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,30 п.п.) и каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,05 п.п.).

„Анализирано на годишна основа, каматната стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата бележи пад од 0,75 процентни поени“, велат од Народната банка.

Во мај, просечната каматна стапка на вкупните депозити на домаќинствата изнесува 1,08 отсто и во споредба со минатиот месец е намалена за 0,01 п.п., што се објаснува со минималниот пад на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,01 п.п.), во услови на раст на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,01 п.п.) и непроменети каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула. На годишна основа, оваа каматна стапка е пониска за 0,30 процентни поени.

Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата во мај беше помала за 0,10 процентни поени и се сведе на 0,91 отсто. Месечното намалување произлегува од пониските каматни стапки на депозитите во странска валута (за 0,08 п.п.), при евидентиран раст кај денарските депозити без валутна клаузула (за 0,05 п.п.). Во мај, кај банките и штедилниците не се евидентирани новопримени денарски депозити со валутна клаузула. Каматната стапка на новопримените депозити на домаќинствата е намалена за 0,59 процентни поени , во однос на истиот период од претходната година, се вели во извештајот на Народната банка за движењата кај каматните стапки на банките и штедилниците во мај годинава.