Паѓа довербата во бугарската влада и премиерот Радев


 

Само неколку месеци по формирањето довербата во бугарската влада паѓа, а паѓа и довербата во премиерот Румен Радев. Ова е веќе втор месец по ред. Вакви резултати покажува анкетата на агенцијата „Маркет линкс„ спроведена за радиодифузерот бТВ на 1.002 граѓани во периодот од 11 до 19 јули.

Според менаџерот на агенцијата Добромир Живков, трендот сега е постојан, а не моментална реакција.

Довербата во владата се намалила за 8% во споредба со мај, а недовербата се зголемила за 11 проценти, покажува анкетата.

Дел од причините се реакциите на јавноста против нацрт-буџетот, како и недостатокот на убедливи резултати за клучните домашни политички прашања, коментира социологот.

„Очекувањата за оваа администрација беа исклучително високи и токму неможноста да се исполнат доведува до оваа реакција“, рече Живков.

Според него, ставовите на јавноста се под влијание и на контрадикторни сигнали за теми од надворешната политика. Како примери ги наведе дебатата за санкциите против Русија, ставот на Бугарија кон Украина и неодамнешната одлука за распоредување американски авиони во воздухопловната база „Безмер“.

„Не е прашање дали Бугарија треба да биде сигурен партнер, туку колку е доследна во своите пораки и постапки“, рече Живков.

Анкетата, исто така, покажува и пад на личниот рејтинг на премиерот Румен Радев, иако тој и натаму е политичар со многу голема доверба. Според Живков, ова е природно, бидејќи оценката за премиерот е тесно поврзана со оценката за работата на кабинетот.

Анкетата покажува и интересни резултати околу поддршката на партиите. Прогресивна Бугарија на Радев е неприкосновена со 39 отсто, но центристичките либерали од коалицијата Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија се на второ место со 14,3 проценти, а ГЕРБ на Бојко Борисов дојде на третото, со поддршка од 12,7 отсто. ДПС на олигархот Делјан Пеевски паѓа сѐ подолу и подолу и поддршката е нешто над изборниот праг – 4,2 проценти.