Паднаа индексите на Волстрит, корекција на цените на акциите на технолошките корпорации


Вчера паднаа индексите на Волстрит, додека растот на приносите на побезбедните државни записи изврши притисок врз цените на акциите на големите корпорации, особено на технолошките, а инвеститорите се помалку се убедени дека ФЕД повторно нагло ќе ги намали каматните стапки во ноември.

Вчера индексот Дау Џонс (Dow Jones) падна за 409,94 поени или 0,96 отсто, на 42.514 поени, забележувајќи го најголемиот дневен процентуален пад во последниот месец. Индексот СиП 500 (S&P 500) беше коригиран надолно за 0,92 отсто, на 5.797 поени, забележувајќи пад трет ден по ред, додека Насдак (Nasdaq) ослабе за 1,6 отсто, на 18.276 поени.

Американските пазари се блиску до рекордно ниво, но комбинацијата на заработка, променливите изгледи за монетарната политика и претстојните претседателски избори ќе го тестираат растот и би можеле да ја поттикнат нестабилноста, велат аналитичарите.

Приносите на 10-годишните американски државни записи достигнаа нови тримесечни највисоки нивоа, бидејќи инвеститорите ги намалија своите очекувања за континуираното темпо на намалување на стапките на ФЕД во услови на силни економски показатели и претстојните претседателски избори.

„На пазарот му е тешко да го свари најновиот пораст на приносите“, рече Адам Турнквист, стратег во ЛПЛ Фајненшел, додавајќи дека повисоките каматни стапки и приносите на државните записи тежат на берзата.

Од акциите кои се чувствителни на промени на каматните стапки, најголема корекција на цената доживеаја технолошките, додека цената на акциите на Нвидиа падна за 2,8 отсто, Епл за 2,16 отсто, Мета платформи за 3,15 отсто и Амазон за 2,63 отсто. Од 11-те берзански сектори вклучени во СиП 500, цените се зголемија во просек само во два – недвижности и комунални услуги.

„Пазарот достигна историски високи нивоа и сега портфолио-менаџерите гледаат можеби да земат некаков профит“, го објаснува расположението меѓу учесниците на пазарот Томас Мартин, менаџер на портфолио во Глобал инвестментс.

Најголем губитник беше Мекдоналдс, чија цена падна за повеќе од пет проценти откако инфекцијата со Е. коли пронајдена во еден од неговите хамбургери предизвика едно лице да умре, а неколку други да се разболат.

На европските берзи вчера паднаа најважните индекси. Истовремено, лондонски ФТСЕ ослабе за 0,58 отсто, на 8.258 поени, франкфуртски Дакс (DAX) за 0,23 отсто, на 19.377 поени, а париски ЦАЦ (CAC) за 0,5 отсто, на 7.497 поени.