Македонија е неистражена винска дестинација
Македонија има вина со одличен квалитет, особено оние што се произведуваат од автохтоните сорти, како што е вранецот, вели винскиот критичар и автор, Дарел Џозеф. Тој смета дека земјата е извонредна дестинација за љубопитните луѓе, кои секогаш го почитуваат виното со висок квалитет и сакаат да слушнат нова винска приказна.
„Шансата на Македонија, заедно со земјите од регионот, е да се пробие како нова винска дестинација во светот, сѐ уште недоволно истражена, а со извонредно квалитетна понуда на вино од автохтони сорти“, вели Џозеф. За тоа да се постигне, смета тој, потребно е задржување на нивото на квалитетот на виното во шише, во кое домашните производители многу вложуваа во последните години.
Џозеф е член на жирито на престижниот меѓународен вински натпревар „Декантер“, каде што годинава црвеното вино „барово“ од бербата во 2015 година, на винарската визба „Тиквеш“, освои платинест медал во конкуренција на близу 17.000 вина од целиот свет. Стручното жири на натпреварот составено од 250 вински експерти на „барово“ му додели 97 поени, со што ова премиум македонско вино е издвоено од сите останати годинешни добитници на највисоки награди.
Македонија, како и Австрија, според Џозеф, има комплексен спој на уникатни географски и климатски карактеристики, како и композиција на почвата на која се одгледува виновата лоза, која претставуваат одлична основа за производство на вина со уникатен карактер и квалитет, кои можат да се продаваат меѓу најдобрите во светот. (С.Н.)