Овие пет луксузи Европејците повеќе нема да можат да си ги дозволат
„За сè да остане исто, сè мора да се промени.“ Оваа мисла од „Леопард“, роман на Џузепе Томази од Лампедуза за благородниците од 19 век кои се обидуваат да ги задржат своите привилегии додека на Сицилија беснее револуција, прецизно ја опишува европската дилема во 21 век

„За сè да остане исто, сè мора да се промени.“ Оваа мисла од „Леопард“, роман на Џузепе Томази од Лампедуза за благородниците од 19 век кои се обидуваат да ги задржат своите привилегии додека на Сицилија беснее револуција, прецизно ја опишува европската дилема во 21 век.
Државите кои некогаш владееле со големи делови од планетата сега непријатно набљудуваат како поранешните колонии ги стигнуваат – или дури ги престигнуваат. Јасно им е дека промените се неопходни. Сепак, Европа честопати изгледа исто толку неподготвена да се прилагоди на светот што се менува како некогаш декадентната италијанска аристократија.
ЕУ е во криза
Европската Унија, срцето на континентот, на необичен начин негува убедување дека може да се менува само кога ќе ја принудат кризи. Затоа е клучно да сфати дека токму денес се наоѓа во криза. Со години се потпираше на кинескиот пазар за раст, на рускиот гас за поттикнување на индустријата и на американската воена моќ за безбедност.
По три години војна во Украина и три месеци агресивен пристап на Доналд Трамп во Америка, ЕУ остана потресена. Во ваков нестабилен свет, Европа мора да ги прифати промените. Како благородничко семејство кое со задоцнување сфаќа дека мора да отпушти дел од послугата за да остане солвентно, Европа треба да почне со напуштање на луксузните политики кои повеќе не може да си ги дозволи.
Време е за позрел однос со Британија
За почеток, тука е односот на континентална Европа кон Британија. Препукувањето со островскиот противник стана некаква тајна забава на ЕУ откако Британија во 2020 година стана првата членка што ја напушти Унијата. ЕУ постапуваше прилично грубо со Британија, делумно за да ги обесхрабри другите земји да се обидат да го направат истото.
Но, тој аргумент повеќе не важи: Брегзит денес се прикажува како предупредување, а не како пример што треба да се следи. Сепак, и покрај безбројните најави за „нови почетоци“ во односите, удирањето по „les rosbifs“ (како што Французите ги нарекуваат Британците) сè уште е на дневен ред. Тоа е луксуз што Европа повеќе не може да си го дозволи.
Британија има воена, геополитичка и индустриска тежина што може да го засили европското влијание во Украина. Се очекува на самитот на 19 мај да биде договорено Британија да учествува во програмите на ЕУ за вооружување на Европа.
Но, со недели договорот беше блокиран бидејќи од Британија се бараше да се согласи на отстапки во целосно неповрзани области. Франција, на пример, инсистира правата на риболов да се решат пред одбранбените прашања.
Европа мора да престане да му поставува правила на светот
Начинот на кој Европа се однесува кон подалечните земји исто така делува самобендисано. Со години ЕУ се обидуваше да ги наметне своите правила – за животната средина, работните услови и бројни други теми – далеку надвор од своите граници.
Но, сега кога ЕУ мора да склучува бројни трговски договори за да го надомести американскиот протекционизам, тоа и тоа како е нејзин проблем. Европа е сила во опаѓање во глобалната економија. Да глуми дека не е, е луксуз што повеќе не може да си го дозволи.
Наместо Америка, повеќе трговија во рамките на Унијата
Дел од бирократските пречки веќе се отстрануваат. Но, би можеле да се отстранат многу повеќе – особено во самата ЕУ. Ако повеќе не можат слободно да тргуваат со Америка, 27-те членки на ЕУ би можеле да ја засилат меѓусебната соработка. Сепак, административните пречки за трговија со услуги меѓу земјите членки сè уште се еквивалентни на царина од 110 проценти, според податоците на ММФ.
Нарачувањето – и игнорирањето – на обемни студии за подобрување на единствениот пазар во Европа е еден вид света традиција. За жал, таа сè уште живее.
Речиси секоја маса во Брисел е натрупана со сè попрашлив извештај од 400 страници што минатата година го состави Марио Драги, поранешниот италијански премиер, полн со разумни предлози како да се продлабочи економската интеграција. Речиси ништо од тоа не е спроведено.
Демографија – колапс кој Европа го игнорира
Една особено декадентна европска навика е одложувањето на решавањето на проблемите сè додека не станат толку сериозни што нивното решавање е исклучително скапо. Да го разгледаме примерот со демографијата. Во 1980 година, Европа имаше околу пет работоспособни лица кои „финансираа“ еден пензионер. Денес ги има три, а до 2050 година тој сооднос ќе падне на две работоспособни лица на еден пензионер.
Штедење на одбраната
Најпосле, најхедонистичката навика на Европа во последните децении беше штедењето на одбраната. Уживањето во „мировните дивиденди“ по Студената војна оставаше повеќе пари за социјални програми. Неколку земји, како Италија и Белгија, дури сега се обидуваат да ги исполнат целите на НАТО за одвојување од два отсто% од БДП за одбрана, договорени уште во 2014 година.
Време е за нови приоритети
Откажувањето од луксузните политики само по себе не е лошо. Напротив, овозможува повеќе внимание да се посвети на она што е навистина важно. Целите на ЕУ за намалување на емисиите на стакленички гасови на нула до 2050 година се скапи, но неопходни, иако некои други зелени прописи треба повторно да се преиспитаат.
Помошта за Украина не е луксуз, напротив. Не е ниту финансирањето на социјалната држава, за која многу Европејци се длабоко врзани. Но, за да се насочи вниманието на она што навистина има смисла, треба да се сфати дека промените во светот бараат и промени на приоритетите. (Економист)