Овците умираат, вакцините никако да дојдат


 Одгледувачите на овци и кози попладнево во Штип ќе одлучуваат кои се следните чекори и кои барања ќе ги достават до Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за состојбата со овчата сипаница. Според нивни проценки на терен се угинати од 7.000 до 10.000 овци од болеста овча сипаница.

Претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци и кози, Насер Џемаили на денешната прес-конференција истакна дека сточарите меѓу другото, ќе побараат итно обесштетување на сопствениците на стадата овци и кози, угинати од овчата сипаница. 

​-Сточарите се плашат да ги пријават случаите, затоа што поминува многу време до уништување на стадото кое е заболено и не се сигурни дали ќе им бидат обесштетени тие стада. Никој од сточарите не сака да ги изгуби овците и да остане на улица, вели Џемаили.

​Прашан дали имаат информации кога ќе пристигнат вакцините за овците од Турција, кои ги најавија АХВ и ресорното Министерство, Џемаили со одговор дека досега немаат никакви информации. 

​- Ни рекоа дека за 10 дена ќе имаме вакцина, а сепак нема. Сепак е доцнa веќе за вакцинација. Во источниот дел веќе не може да се вакцинираат, затоа што сите ги зафати болеста и ќе бараме писмено до Министерството да се обесштети секоја угината овца. Ги имаат податоците колку овци имале сточарите, по таа бројка да им се платат и субвенциите и обесштетувањето – подвлече Џемаили. 

Џемаили потврдува дека има сточари кои имаат извршено вакцинација со нелегално набавени вакцини од Турција, но побара од институциите да бидат поекспедитивни во решавање на проблемите на терен, бидејќи, како што вели, ситуацијата е хаотична. 

Тој додава дека со ресорниот министер се во комуникација и по денешниот состанок ќе ги достават барањата и до него и до премиерот Христијан Мицкоски.

На денешниот состанок присуствуваа и генералниот секретар на Конфедерацијата на синдикални организации, Гоце Делчев Тодев и Милена Величковиќ, одгледувач на овци и член на Управниот одбор на Сојузот на одгледувачи на овци „Модерен овчар“ кои им дадода поддршка на сточарите. 

​-​ ​​Пвата и основна мисија на Сојузот е да го зголемиме сточниот фонд, а не да го намалиме. Затоа сме тука, затоа сме поддршка на секој сточар-вели Величковиќ.