Овчеполието станува мека на зелената енергија


Овчеполието станува центар за производство на зелена енергија. Ветерот и сонцето, кои ги има во изобилство, ќе се искористат за производство на електрична енергија. Стартуваше и официјално изградбата на „Ветропарк Богословец”. Првиот приватен македонски инвеститор „Тхор импекс“ ќе вложи 61 милион евра за поставување осум ветерници со капацитет од 36 мегавати електрична енергија.

Со стартот на оваа инвестиција, но и со инвестициите во фотоволтаични централи на потегот кај село Амзабегово со моќност од 25 мегавати што треба да се случи наскоро, Свети Николе станува општина каде што ќе се произведува најголемо количество струја од обновливи извори или позната како зелена енергија.

Домашните компании на покривните конструкции веќе имаат фотоволтаични централи

Во источниот регион, на повеќе локации се поставени големи фотоволтаични централи, но зелената енергија веќе се користи во производството и во неколку фабрики во Штип, Свети Николе и во Кочани. Фотоволтаици се поставуваат на покривните конструкции, а една од нив е и светиниколската текстилна фабрика „Мода“, каде што има две централи. Менаџерот на ТК „Мода“ – Свети Николе, Ангел Димитров, вели дека е изненаден од исплатливоста на инвестицијата. Трошоците за електрична енергија им се намалиле за половина, не загадуваат, а инвестицијата ќе им се исплати за над четири години.

– Кај мене пред скоро една година дојдоа претставници на „Окта“ и ми понудија варијанта да го изнајмат покривот на нашата фабрика, за да направат фотоволтаична централа од 300 киловати, за да можат да произведуваат струја, бидејќи на овие типови покриви, со метална конструкција, многу е поедноставно да се направи централа, отколку на земја, каде што треба да се нивелира висината и да се стават бетонски столпчиња. Во тој момент јас размислив дека ако за нив е исплатливо, тогаш и за мене е уште поисплатливо, вели Димитров.

Немајќи искуство во изградбата, двете страни се договориле да се постават две фотоволтаични централи по 150 киловати, од кои едната да е на светиниколска „Мода“, а втората на „Окта“.

– Ги искористивме нивната експертиза и нивното знаење за да добиеме најповолна понуда за изведување, но ја искористивме и нивната дозвола за да може да се продава вишокот струја, бидејќи е тешко, ако сте мал производител, не можете вишокот струја да го продадете. Вишок струја се појавува, еве сега кога немавме работа за време на короната, наместо две смени, работевме во една, и имавме 30 проценти повеќе во производството на струја од централата отколку што ни треба или пак сабота, недела, одмори, кога не работиш, и ако немаш таква дозвола за продажба, таа струја ти пропаѓа, оди во мрежата, а никој ништо не ти плаќа, рече Димитров.

Придобивката да се има и да се произведува струја со вакви фотоволтаични централи е што вишокот струја се продава, а во периодите кога на компаниите струја им недостига и мора да ја купуваат добиваат 10 проценти поевтина цена од нормалната цена на пазарот на струја. Според анализите, Димитров вели дека изминатата година имале 50 проценти заштеда на трошоците за струја, во споредба пред изградбата на фотоволтаичната централа, а вложените пари во неа ќе им се вратат за околу четири години.

– Јас се изненадив и во месеците јануари и февруари, кога беше ладно и ако немаше доволно сонце, сепак имавме многу добро производство на струја, бидејќи соларните централи треба да се ладат и не само да имаат сонце. Јас сум задоволен од инвестицијата, без никаква помош од државата, но за четири и пол години мислам дека тоа е добар поврат на инвестицијата, вели Димитров.

Компаниите што веќе инвестирале во свои сончеви централи на покривните конструкции сметаат дека Владата треба да ги мотивира и останатите компании во земјава, со тоа што би имале ист третман при изградбата, давачките кон државата и општините, но и користење на субвенциите. Во производство на зелена енергија во Овчеполието се очекуваат инвестиции и од над 25 милиони евра, како и отворање зелени работни места.

Димитров сепак смета дека е добра идејата за изградба и инвестиции на фотоволтаични централи за земјиште во Овче Поле.

Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски, тврди дека Светиниколско или Овче Поле ќе биде и најзелениот регион, а ќе се произведува енергија и од сонце и од ветер. Инвеститорите и Владата потпишаа договори за изградба на фотоволтаични централи и тоа на земјиште што е солено, а земјоделците немаат ќар да го  обработуваат.

Соларните централи ќе се градат на повеќе локации, но поголем дел се околу село Амзибегово, кое е од левата страна на експресниот пат Велес – Штип, а од десната страна на овој пат ќе бидат ветерниците. Министерството за економија има обврска да изгради пристапен пат и да го огради земјиштето каде ќе се градат централите.

– Фирмите се заинтересирани во брзо време да почнат со градба, а се работи за осум фирми што имаат конкурирано на територијата кај село Амзибегово. Големината, односно капацитетот на фотоволатичните централи ќе биде 25 мегавати. Се надевам дека со тоа Свети Николе ќе биде најголема општина во државата каде што имаме обновливи извори на енергија, со најголем капацитет, потенцира Велковски.

Забележува дека интерес има и од други инвеститори, а предност на Свети Николе е и што изобилува со земјиште што не се користи од земјоделците.

– Интенција на инвеститорите и на општината е да се градат фотоволтаични централи таку каде што има пониска класа на земјоделско земјиште, рече Велковски.

Смета дека треба да се поедностават процедурите за инвеститорите, а банките да одобруваат кредити за вакви инвестиции.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, најави странски, но и домашни инвестиции во енергетскиот сектор, една од нив е и државната 350-мегаватна фотоволтаична централа на локацијата каде што требаше да се гради карго аеродромот, на територијата на Штип и Свети Николе. Според анализите на експертите, истокот и југоистокот можат да произведуваат околу 1.000 мегавати, а како што вели Заев, тоа значи чиста животна средина, но и производство на струја за дома и извоз во странство.