Христијан Мицкоски им се заблагодари на лекарите на Денот на здравјето

По повод Денот на здравјето, кој оваа година е целосно посветен на медицинските работници кои се на првата линија во борба против корона вирусот, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, испрати отворено писмо до здравствените работници.
Тој вели дека тоа писмо било посветено на луѓето кои се во првата линија во борбата против заразната пандемија која одзема животи за да упати јавна благодарност до нив бидејќи се жртвуваат себеси, својот живот и судбината на нивните семејства
„Вашиот деноноќен труд спасува животи и додека за време на полицискиот час секој од нас е дома со семејствата, вие сте на работните места и помагате. Не може човек, а да не се поклони кон величенственото дело кое го правите за нашата земја и овој народ, со чест и сила која нè прави горди.
Секогаш стојат паралелите со другите земји, но дозволете да заклучам дека каменот највеќе си тежи на своето место и мене најмногу ме интересира здравјето на луѓето кои се тука со нас и на чии плеќи се носи оваа борба против пандемијата.
Неодминливо доаѓа времето и часот кога ќе мора да се соочиме со грешките кои се направија, без оглед дали се викала Цаца, некој административен чиновник во охридската болница или велешката, но делото на лекарите и сестрите кои голораки се борат против пандемијата не смее и не треба да се заборави“, вели Мицкоски во писмото.
Тој во него уште пишува дека го поддржува градоначалникот на Куманово во неговите тврдења дека градот бил оставен сам на себе. „Иако сме од две различни политички опции, и имам сериозно поинакво мислење за многу теми поврзани со раководењето на општина Куманово, морам да кажам дека е во право човекот кога вели дека Куманово е препуштено самото на себе и дека нема тестови. Потребна е итна помош за Куманово и огромно внимание на Владата и Министерството за здравство за надминување на кризата“, пишува, меѓу другото, Мицкоски во писмото.