Отворени гласачките места. Кој ќе биде хрватски претседател?
Во Хрватска во 7 часот се отворени над 6.500 избирачки места, каде гласачите во вториот круг ќе одлучат дали ќе му дадат нов мандат на актуелниот претседател Зоран Милановиќ, кандидатот на СДП и партнерите, или на Драган Приморац, кандидатот на ХДЗ и партнерите.
Избирачките места се отворени до 19 часот, до кога е на сила дводневен изборен молк, во кој се забранува секаква изборна кампања, објавување проценки на резултатите, како и претходни, неофицијални изборни резултати.
Половина час по затворањето на гласачките места, Државната изборна комисија (ДИК) ќе ги објави првите изборни резултати, а до 21 часот би можело да се знае кому гласачите му дале доверба.
Покрај во Хрватска, претседател на Републиката се избира и во странство, во 38 земји, девет помалку од пред пет години, а право да го изберат имаат вкупно 3.769.598 гласачи.
Во првиот изборен круг учествуваа осум кандидати, а Милановиќ влезе во вториот круг со 49,1 отсто освоени гласови и Приморац со 19,35 отсто поддршка од гласачите.
Државната изборна комисија ги повика гласачите да не се јавуваат телефонски, да не испраќаат СМС пораки или е-пошта, а кандидатите и нивните предлагачи да се воздржат од објавување на нови пропагандни содржини како статуси, видео клипови, слики или коментари на социјалните мрежи или платформи.
Според последната анкета на РТЛ во пресрет на вториот круг од претседателските избори, Милановиќ ќе добие втор мандат на таа функција бидејќи го поддржуваат 62,5 отсто од гласачите, додека Приморац ќе има поддршка од 27,8 отсто од граѓаните, објавија вчера хрватските медиуми.
Анкетата покажува дека 6,8 отсто од гласачите се неопределени, а 2,9 отсто од нив најавуваат дека ќе го поништат гласачкото ливче.
Кога тие бројки ќе се споредат со истото истражување од минатиот месец пред изборите, Милановиќ денеска би требало да освои осум отсто повеќе гласови, а Приморац седум отсто помалку отколку во декември, пишува загрепскиот портал индекс.