Отворена истрага против Дејвид Камерон поради лобирање

Британската влада отвори независна истрага за пропаднатата финансиска компанија „Гринсил“ откако лобирањето на поранешниот премиер Дејвид Камерон отвори прашања во врска со неговиот пристап до министрите.
Австралискиот банкар Лекс Гринсил беше донесен како советник на владата додека Камерон беше британски премиер од 2010 до 2016 година. По напуштањето на функцијата, Камерон за возврат стана советник на сега несолвентната компанија „Гринсил“.
Весниците „Фајненшел тајмс“ и „Сандеј тајмс“ објавија дека Камерон контактирал директно со министрите за да лобира во име на „Гринсил“, вклучувајќи испраќање на СМС пораки на министерот за финансии Риши Сунак и договарање на приватен пијалок помеѓу „Гринсил“ и секретарот за здравство Мет Ханкок.
Камерон, во своите први коментари за своите постапки во неделата, рече дека не прекршил ниедно правило, но дека прифатил неговата комуникација со владата да биде целосно формална.
Министерството за финансии на Велика Британија соопшти дека Камерон контактирал со Сунак и уште двајца министри во одделот за да праша дали „Гринсил“ може да има пристап до шемите за заеми на владата за Ковид-19 на почетокот на пандемијата.
Портпаролот на премиерот рече дека Борис Џонсон го разбира „значајниот интерес“ за ова прашање и сака да започне преглед за да се „осигури дека владата е целосно транспарентна за ваквите активности“.
Прегледот ќе го води Најџел Бордман, партнер во адвокатската фирма „Слотер и Меј“ и ќе му даде извештај на Џонсон до крајот на мај. За време на истрагата, Бордман ќе отстапи од својата улога како неизвршен директор во британското министерство за деловни активности. (Ројтерс)