Отворен спектакуларниот мост во Омиш
Свечено беше отворен мостот на кањонот на реката Цетина во хрватскиот град Омиш, вреден повеќе од 20 милиони евра.
Мостот на Цетина долг речиси 225 метри и обиколницата Омиш конечно беа пуштени во сообраќај. Жителите на Омиш со децении чекаат изградба на обиколница и мост што треба да ја намали неподносливата гужва во летните месеци на јадранската магистрала меѓу Сплит и Омиш.
Новиот мост кој се издига 70 метри над Цетина е најатрактивниот дел од обиколницата која се состои од два тунели и еден мост. Обиколницата е долга 3,7 километри, а со неколку повеќегодишни прекини се градела цели 20 години, пренесува ХРТ.
Вкупната вредност на обиколницата е околу 70 милиони евра. Треба да го олесни летниот метеж во Омиш, но вистинското значење ќе го добие само со изградбата на експресниот пат Сплит – Омиш. Тој пат е во зародиш и ќе поминат уште неколку години пред да се изгради.
Тоа најмногу им пречи на жителите на Сринјин и Тугар, бидејќи до изградбата на експресниот пат, обиколницата од сплитската страна на Цетина ќе го насочува сообраќајот кон ридот, а потоа преку внатрешноста кон Жрновница, каде повторно ќе се приклучи на Јадранската магистрала.
Жителите денеска организираа протест бидејќи сметаат дека со тоа дополнително ќе се оптоварат локалните патишта кои не се подготвени за тоа. Дополнителен проблем е што воопшто нема тротоар покрај патот.
„И покрај сите предизвици што ни се појавија, успеавме да ја завршиме оваа делница, која вклучува мост и два тунели. По нашето заминување, обиколницата ќе биде отворена за сообраќај“, изјави Олег Бутковиќ, вицепремиер и министер за Море, транспорт и инфраструктура.