Отидоа во вселената на осум дена, а може да бидат заглавени до 2025 година


Кога двајца американски астронаути полетаа на пробна мисија до Меѓународната вселенска станица на 5 јуни, тие очекуваа да се вратат дома за неколку дена.
Но, работите не одеа баш според планот.
Всушност, Бери „Буч“ Вилмор и Сунита Вилијамс сè уште се таму, лебдејќи високо над Земјата речиси два месеци подоцна.

Двајцата – кои се заглавени на неодредено време – сега се соочуваат со ненадејна можност да го пропуштат летото целосно, па дури и да ги поминат Божиќ и Нова Година во вселената.

Вилмор (61) и Вилијамс (58) полетаа со вселенско летало „Боинг Старлајнер“ до станицата. Тоа беше прв лет од ваков вид со луѓе на бродот и беше тест дизајниран да се види како функционира новото летало пред да се користи поредовно.

Проблемите, сепак, се појавија како што се приближуваа. Тие вклучуваат протекување во неговиот погонски систем и исклучување на некои од неговите погони.

Така, додека тие безбедно стигнаа до вселенската станица, ќе им треба алтернативен начин на транспорт за да стигнат дома ако „Старлајнер“ не се смета за безбеден за враќање на Земјата.
На брифингот со новинарите во средата, претставници на НАСА рекоа дека не се донесени цврсти одлуки кога станува збор за следните чекори.

„Нашата главна опција е да ги вратиме Буч и Суни на ‘Старлајнер’“, рече Стив Стич, менаџер на Програмата за комерцијална екипа на НАСА. „Сепак, го направивме потребното планирање за да се осигураме дека имаме отворени други опции“.

Една потенцијална опција што се разгледува, велат тие, е да се приклучат двајцата астронаути на мисија што треба да биде лансирана во септември и да се вратат на земјата со таа мисија во февруари 2025 година.

Тој лет до вселенската станица ќе го изврши леталото на „Спејс икс“ (SpaceX), „Кру Драгон“ (Crew Dragon). Првичниот план беше четворица членови на екипажот да бидат во бродот, но две од седиштата може да останат празни доколку е потребно.

Тој план би значел дека астронаутите ќе поминат повеќе од осум месеци – наместо осум дена – на Меѓународната вселенска станица (ISS).

Доколку се користи „Кру Драгон“ , леталото „Старлајнер“ ќе биде вратено на Земјата без екипаж, под компјутерска контрола.

Претставниците на НАСА рекоа дека може да потрае една недела или повеќе за да се донесе конечна одлука.

Кен Боверсокс, директорот за вселенски операции на НАСА, им рече на новинарите дека шансите за враќање без екипаж на „Старлајнер“ „малку се зголемиле врз основа на тоа каде тргнале работите во текот на минатата недела или две“. Тоа е опција за да се увериме дека можеме да се справиме со тоа“, рече тој.

Користењето летало на „Спејс икс“ за враќање на астронаутите би било удар за „Боинг“, кој со години се обидува да се натпреварува со компанијата и нејзиниот поискусен „Кру Драгон“.
На почетокот на оваа недела, НАСА користеше ракета „Спејс икс“ за да достави повеќе храна и залихи до Меѓународната вселенска станица, вклучително и дополнителна облека за двајцата астронаути.

Минатиот месец, на краткиот брифинг со новинарите, двајцата изјавија дека се „апсолутно уверени“ во повратното патување, а „Старлајнер“ е „навистина импресивен“.

Ова е трет престој на Меѓународната вселенска станица за Вилијамс, пензиониран пилот на хеликоптер на морнарицата, додека Вилмор е поранешен пилот на борбен авион кој претходно бил двапати во вселената.

„Бевме многу зафатени овде, интегрирани директно во екипажот“, им рече Вилијамс на новинарите за време на неодамнешниот брифинг повик.

„Чувството е како да се враќам дома. Добро е чувството да се лебди наоколу. Убаво е чувството да се биде во вселената и да се работи овде со тимот на Меѓународната вселенска станица“, рече таа. „Значи, да, прекрасно е да се биде овде горе“.

„Боинг“ се надеваше дека првата мисија „Старлајнер“ ќе го отвори патот за редовна употреба на нејзината капсула за мисии напред-назад до станицата. „Спејс икс Кру Драгон“ е одобрен за мисиите на НАСА од 2020 година.

Иако астронаутите ќе поминуваат многу повеќе време во вселената отколку што првично планирале, други поминале многу подолги периоди над површината на Земјата. Русинот Валери Полјаков помина 437 дена во вселената на вселенската станица „Мир“ во средината на 1990-тите.

Минатата година Френк Рубио се врати од Меѓународната вселенска станица по 371 ден, најдолго време што Американец го поминал во вселената.

И Русинот Олег Кононенко, исто така во моментов на Меѓународната вселенска станица, е првиот човек кој поминал повеќе од 1.000 дена во вселената во текот на својата кариера.
Во нивните брифинзи и интервјуа, двајцата Американци беа оптимисти за нивната ситуација.

„Не се жалам што сме тука уште неколку недели“, рече Вилијамс минатиот месец.
Како што стојат работите, парот може да биде таму уште многу недели што доаѓаат. (Би-Би-Си)