Тетовскиот грав ќе исчезне како бренд

Тетовскиот грав како бренд ќе исчезне. Ова е констатацијата на производителите на грав од Тетовско, кои годинава учествуваа на десетта по ред манифестација Ден на гравот, која се одржа во тетовско Теарце.

Велат дека секоја година ги намалуваат површините засадени со грав, затоа што нема каде да го пласираат, а нелојалната конкуренција им ја уништува дејноста.

– Тетовскиот грав е надалеку познат, затоа велиме дека тој е наш бренд. Го знаат во цела Југоисточна Европа. Да не зборуваме за земјите од поранешна Југославија. На времето таму со шлепери се извезуваше, имаше војска, цела ЈНА се хранеше од нашиот грав. Нашите фирми, имаше големи фирми, земаа од тетовскиот грав, а сега нема ништо. Никој не го заштитува нашиот производ. Грав се увезува неконтролирано, претежно од азиските земји и се продава како да е тетовски. Тука треба инспекцијата малку повеќе да ја преземе контролата во свои раце. Исто така, нема и пласман за нашиот производ – вели Сречко Анчевски, производител на грав од тетовско Доброште.

На манифестацијата беше подготвено тетовско гравче за околу 500 лица, колку што присуствуваа. Готвачот Мирко Ѓорѓески вели дека тајната на вкусниот тетовски грав е во целовитоста на зрното кое додека се вари не се одвојува од лушпата. Но, за да имаме вкусно гравче, треба да имаме и квалитетен род кој годинава не се погодил.

– Имавме голема суша годинава, а на гравот му треба вода. Ни секнаа изворите и затоа не добивме вкусен род. Но, со некои марифети ќе гледаме да го подготвиме гравчето на најубав можен начин – вели готвачот Ѓорѓески.

Целта на настанот Ден на гравот е да се промовира овој производ. Годинава манифестацијата имаше интернационален карактер и учествуваа гости од Албанија и Косово. Од Центарот за едукација и развој, кои го организираа настанот, велат дека сакаат преку оваа манифестација да ги поттикнат институциите да им дадат поддршка на земјоделците како да го пласираат и да го заштитат тетовскиот грав.

Пред неколку години група земјоделци од Тетовско го брендираа тетовскиот грав, со цел да не се злоупотребува. Формираа и задруга наречена „Еко фасуле“, за полесно да можат да го пласираат овој производ надвор од Македонија. Покажаа и иновативност и гравот започнаа да го одгледуваат на трска и бамбус, начин преку кој добиваа трипати поголем приход од традиционалното растење на гравот на пченка. По формирањето на задругата, државата им ветила дека ќе има даде субвенции. Но, и по поминати три години од ветеното, ништо не се исполнило, а производителите се откажале од одгледување грав на трска и бамбус, додека задругата ја ставиле под стечај.

 

– Јас ќе кажам јавно – кирија, локал, компјутери и опрема, сето ова ни беше ветено од државата, но ништо не добивме. Во првата година ни беа ветени 80 илјади евра, па 40 илјади евра и на крај околу 2.000 евра, за на крај да не добиеме ништо. Овие пари беа наменети за механизација бидејќи ни ветуваа дека секоја задруга ќе има механизација за собирање грав. Еве, пет години поминаа, ни машина, ни пласман, ни ништо, и многу млади заминаа во странство. Гравот не е производ што можеш да го береш со рака во масовни количини. Еден човек може да собере неколку кила, па затоа требаат машини. Не можеш исто така да најдеш луѓе за берење, сите заминаа. И сега, што е најтрагично, од тие што се занимавале со земјоделство никој не се враќа назад, туку остануваат таму. Тоа значи дека нешто не е во ред со секторот земјоделство бидејќи сите заминуваат. Треба да се променат некои работи во земјоделството – истакна Мемет Синани, земјоделец од земјоделската задруга „Еко фасуле“ од тетовското село Камењане.

Синани имал засадено 20 декари грав на трска и бамбус, но сега овој производ го одгледува само за себе на пченка, како и многу други земјоделци од Тетовско кои не гледаат никаква иднина во овој надалеку познат тетовски бренд.

Зоран Димовски