Остро обраќање на српскиот опозициски лидер Драган Ѓилас до амбасадорот Кристофер Хил
Зошто молчите кога Александар Вучиќ во ваше присуство ја нарекува опозицијата магариња, го прашува Ѓилас амбасадорот Хил
„Сто илјади луѓе се собраа на протест во Белград пред десет дена на покана на студентите, а неколку десетици илјади присуствуваа на дочекот на Новата година, единствена во историјата на светот.
Дочек во тишина. Тие што се иднината на Србија со недели ги блокираат своите факултети, иако власта ги обвинува дека се под влијание на странски разузнавачки служби, иако БИА ги кани на разговори, иако претседателот на државата им се заканува дека неговото обезбедување ќе ги исфрли за неколку секунди. По сето ова, еден човек, амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Србија, Кристофер Хил, им порача на студентите и на сите граѓани дека Србија оди во добра насока? И дека во оваа земја секој има шанса“, соопшти Драган Ѓилас, претседател на Партијата за слобода и правда.
Тој го праша американскиот амбасадор „Шанса за што, господине Хил?“
„За да се најдат под некаква настрешница која корупцијата, неспособноста и ароганцијата на организираната криминална група на чело со Александар Вучиќ ја урива врз нив? Никој во оваа држава, господине амбасадоре, нема шанса или право на нормален живот ако не е член на СНС. И сите го знаат тоа. И Вие го знаете тоа, но зборувате спротивно. Дали давањето на американскиот ‘Бехтел’ да го гради Моравскиот коридор по три пати поголема од реалната цена, потпишување договор за соларна централа вредна повеќе од милијарда евра со компанија што доаѓа од вашата земја и извоз на муниција во Украина, е доволно е да замижите пред сѐ што работи овој злострнички режим? Доволно да се правите дека не гледате во што ја претворија Србија“, вели Ѓилас.
Јасно е дека ги гледате интересите на вашата земја и тоа е ваше право, додава тој.
„Ама зошто побогу не молчите, како што молчите кога Александар Вучиќ во ваше присуство ја нарекува опозицијата магариња? Зошто кажувате зборови за кои самите знаете дека не се вистинити? Не го слушате ли претседателот на државата како вели дека има 17.000 луѓе кои се заколнале во крвта по секоја цена да го бранат неговото останување на власт? Не ни е важно што вели дека се проруски. Создавањето на таа паравоена формација би било проблем за нас, граѓаните на Србија, дури и да беа проамерикански настроени затоа што се закана за слободата и демократијата. Но, за вас барем тоа што го кажа Вучиќ во друг директен пренос од неговиот нервен слом, треба да биде проблем“, пишува во изјавата на претседателот на ССП.
„И не е точно господине Хил дека расте поддршката на граѓаните на Србија за Европската унија. Сосема спротивно – се намалува. Опаѓа поради вас, поради Макрон, Шолц и сите други кои ги жртвуваат вредностите на кои почива Европа заради лични интереси. Никој не побара помош од Вас. Напротив, сметаме дека никој од странство не треба да ни се меша во внатрешните работи. Но вие навистина се мешавте. И со повикот да не се демонстрира кога режимот ги украде изборите и пратениците на ССП на чело со Мариник Тепиќ штрајкуваа со глад. И со поканата да се оди на белградските избори во јуни, иако изборните услови не беа променети. И никој не ве мрази, како што мислите, поради тоа“, се вели во соопштението.
„Го разочаравте само оној дел од Србија кој веруваше дека амбасадорите и политичарите од развиените демократски земји ќе го посакаат истото за Србија“, пишува понатаму.
„Ви посакувам мирно да ги поминете пензионерските денови, гледајќи како се менува власта во Србија и како Србија навистина се движи во вистинската насока, достигнувајќи ги оние кои долго време ги гледаме во грб“, заклучува Драган Ѓилас.