Без мобилен ни на матичен – ќе останете без терапија!

Во насока на подобрување на достапноста на здравствените услуги за пациентите, во системот Мој термин е воведена опцијата за верификација на телефонскиот број. Оваа мерка има за цел да обезбеди пациентите навремено да добиваат известувања за закажани термини и други здравствени услуги, со што се намалуваат пропуштените прегледи и се оптимизира функционирањето на здравствениот систем, информираат од Управата за електронско здравство.
Во моментов, процесот сè уште не е задолжителен, но во наредниот период ќе стане обврска при посета кај матичниот лекар. Сепак, системот предвидува исклучоци во одредени случаи:
– Итни медицински случаи – внесување во системот без верификација.
– Деца и изнемоштени лица – можат да бидат верификувани преку друго лице (еден телефонски број за повеќе пациенти).
– Корисници на мобилната апликација Мое Здравје – можат самостојно да ја завршат верификацијата, без вклучување на матичниот лекар.
Важно е да се нагласи дека верификацијата се прави еднократно, што значи дека пациентите треба да го потврдат својот телефонски број само при првиот преглед. Оваа промена се базира на анализи кои покажаа дека значителен број пациенти не се појавуваат на закажаните термини поради неажурирани телефонски броеви. На пример, повеќе од 50% од пациентките со закажани прегледи за дојка не се појавиле, со што биле изгубени термини кои можеле да бидат искористени за други пациенти.
Претходно, докторката Лидија Чолакова Дервишова, соопшти дека од денес не можат да работат со Мој термин, ако пациентите не носат мобилен телефон со нив. За да им закажат термин или пак терапија да им препишат, системот им бара верификација со код кој се испраќа на смс бројот на пациентот.
„Почитувани пациенти, од денес имаме новина од Мој Термин,ако не носите мобилен телефон со вас нема да можеме да Ве услужиме.Дали матичните доктори да работат и лечат или да верификуваат телефони???
Веднаш да ни вратите да си работиме по старо???
Во спротивно ќе запреме со работа???
Па најдете друг да верификува телефони и додека им е лошо да чекаме смс????
Ќе не оставите ли еднаш да бидеме ДОКТОРИ???“, напиша таа на Фејсбук.
Матичните доктори штрајкуваат поради промените во „Мој термин“