Осмомартовски марш на СДСМ во Струмица, Филипче порача дека борбата продолжува додека рамноправноста не стане реалност


Без силни жени немаме силна иднина, тие се движечката сила на нашето општество, порача денеска претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на 10. Осмомартовски марш во Струмица по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март. Маршот е во организација е Форумот на жени СДСМ, а годинешниот слоган е „Исправени заедно за еднаквост, правда и мир“.

– Десет години маршираме рамноправни едни до други. На денешниот Меѓународен ден на жената, најважно е да кажеме гласно за што делуваме во останатите 365 дена во годината. СДСМ се залага за еднаквост, за правда, за мир. СДСМ се залага за општество во кое секој има еднаква шанса.Од тука, од Струмица, порачувам дека без силни жени немаме силна иднина, вие сте движечката сила на општеството. А столб на социјалдемократијата е прогресот и иднината. Социјалдемократите секогаш гледаат напред. Столб на Социјалдемократијата се и еднаквоста,и правдата. Денеска маршираме за овие столбови. Маршираме за да кажеме НЕ на нееднаквоста, НЕ на дискриминацијата, НЕ на насилството, рече Филипче.

Во обраќањето Филипче посочи дека СДСМ останува посветен на борбата за еднакви права, правда и мир, за јакнење на жените сите позиции во општеството. – Свесни сме дека ова не е доволно и ја продолжуваме борбата. Нам ни треба општество во кое жените се јакнат на сите позиции, без затворени врати. Нам ни треба општество во кое солидарноста ќе ни биде прва асоцијација за жените. Ќе продолжиме да се бориме додека ваквите заложби не ни станат реалноста.СДСМ останува посветен на борбата за еднакви права, правда и мир. Нека е честит 8 Март – Меѓународниот ден на жената, порача Филипче. 

Како што наведе, борбата за правата на жените и девојките е борба за праведно општество кое зависи од сите нас, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Тој потенцираше дека, како што рече, е жално што во овој месец на жената јавноста беше сведок на скандалозни изјави со говор на омраза и дискриминација кон жените и тоа од страна на носителка на висока јавна функција. СДСМ ја осудува секоја форма на понижување и навреди меѓу жените, особено кога таа доаѓа од носителки на јавни функции.

-Борбата за правата на жените и девојките е борба за праведно општество кое зависи од сите нас. Тоа праведно општество бара од нас да бидеме гласни и да се спротивставиме секојпат кога ќе сведочиме деградација на било која жена.А најмногу кога таа деградација ќе дојде од друга жена и сред нашиот законодавен дом, кој им припаѓа на сите жени граѓанки на оваа држава. Голем срам е жена носителка на јавна функција да е таков непријател на друга жена. Со кој ли образ  денеска ќе го честита овој празник?, рече Филипче.

Во обраќањето, тој нагласи дека токму денешниот марш е за да се каже не на дискриминацијата и нееднакоста, да се испрати порака дека борбата за рамноправност продолжува.

Заменик претседателката на СДСМ Фани Каранфилова-Пановска, пак, рече дека СДСМ во изминатите години донесе бројни закони со кои суштински се унапредила положбата на жените во општеството, како и мерки за унапредување на економскиот стандард на жените, а во Кривичниот закон беа воведени нови кривични дела како фемицид, демнење, говорот на омраза.

Каранфилова-Пановска рече дека борбата не е завршена, а се осврна и  ја истакна, како што рече, реалната опасност од десничарските политики, кои сакаат да ги негираат правата изборени со крв, пот и солзи, повторно да ја сведат жената на улога што не ја избрала, што сакаат да го загушат нејзиниот глас.

– Најсвеж пример, за тоа се навредите и дискриминацијата на Гордана Кочоска кон пратеничката Петровска и кон сите жени. Овој инцидент не е изолиран случај, туку показател на подлабоката дискриминација со која жените се соочуваат, дури и на највисоките позиции во општеството. Министерка која навредува, дискриминира и гази врз човечкото достоинство, а по попис и опис има задача да им служи на граѓаните не смее да биде дел од Владата. Кочоска ги навреди сите жени и треба да биде разрешена, рече Каранфилова-Пановска.

Претседателката на Форумот на жени на СДСМ Даниела Колева, истакна дека жените се движечка сила и оти денес поставуваат нови цели и прават чекор напред. 

– Посветени сме на борбата за уште поголема политичка и економска застапеност. Нашата мисија не е само да бараме рамноправност, туку и активно да работиме на создавање услови за жените да водат, да раководат и да бидат одлучувачки фактори во донесувањето на важни одлуки кои се однесуваат на нашиот живот и иднина.Ова е денот кога ја славиме нашата храброст, нашиот напор и истрајност, и нашите достигнувања. Но, ова е ден кога поставуваме нови цели и правиме чекор напред, рече Колева.