Осми март ја затекна Македонија без национална стратегија за спречување на насилството врз жените

8 Март – Меѓународниот ден на жената ја затекна Северна Македонија сè уште без Национална стратегија за спречување на насилството врз жените. Иако поминаа повеќе од четири месеци откако заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, најави дека се започнати подготовките за стратегијата за борба против родовото насилство, од министерството и денеска велат дека процесот е во тек, и дека се очекува да заврши до крајот на годинава, пишува Порталб.мк.
„Министерството за социјална политика, демографија и млади го започна процесот на подготовка на осумгодишната Национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство 2026 – 2033 година и на акционите планови. Усвоена е методологијата за работа, дефинирани се приоритетните области и се планира до крајот на годинава да биде усвоена од Собранието на Република Северна Македонија“, велат од Министерството за социјална политика за Порталб.мк.
Порталб побара дополнителни појаснувања и поконкретни одговори во однос на подготовката на Националната стратегија, но до објавувањето на овој текст одговор не добивме.
Потсетуваме дека на 31 октомври 2024 година заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, соопшти дека е започнат процесот на подготовка на Националната стратегија за борба против родово базирано насилство.
„Северна Македонија ја препознава големата одговорност што ја имаме да ги исполниме нашите обврски според меѓународните рамки, особено Истанбулската конвенција, која не обврзува да создадеме безбедни средини за жртвите. Посветени сме на остварување на целите поставени со Берлинскиот процес и во рамките на пристапните преговори со ЕУ, особено во поглавјата 19 и 23, да постигнеме значителен напредок во спречувањето на насилството и зајакнувањето на родовата еднаквост“, изјави во тоа време Велковски.
Тој, меѓу другото, истакна дека „спречувањето на родово базираното насилство и вклучувањето на мажите во спречувањето на родовото насилство, градењето на една култура на толеранција и меѓусебно почитување уште од мали нозе е од исклучителна важност“.
И додека Националната стратегија за борба против родово базирано насилство се уште подготвува, 2025 година за жал започна со неколку случаи на насилство врз жените и фемицид.
Инаку по повод на 8-ми март вчера во Скопје се одржа протест и бојкот. (Мета)