Осигурените депозити од Еуростандард банка ќе се исплаќаат преку банките до 1 септември, потоа преку ФОД


 

Исплатата на обесштетувањето на осигурениот износ на депозитите на депонентите на Еуростандард банка АД во стечај со право на обесштетување до законски утврдениот максимален износ од 1.850.889 денари која започна на 15.09.2020 година преку четирите деловни банки: Комерцијална банка АД Скопје, НЛБ Банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и Халкбанк АД Скопје ќе биде достапна заклучно со 01.09.2023 година, соопшти денес Фондот за осигурување на депозити.

По истекот на овој временски период, депонентите односно нивните наследници кои од различни причини не можеле да го остварат своето право на обесштетување во банките – исплатувачи, исплатата на обесштетување ќе може да ја остварат преку Фондот за осигурување на депозити (ФОД)кој ќе обезбеди обесштетување независно од тоа кога депонентот ќе достави барање за остварување на своето право на обесштетување, се вели во соопштението до медиумите.

Од Фондот потсетуваат дека до 1 септември годинава исплатата на обесштетувањето преку четирите деловни банки се извршува на следниот начин:

  • Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите А, Б, В, Г и Д се исплаќаат во експозитурите на „Комерцијална банка” АД Скопје на целата територија на Република Северна Македонија.
  • Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите од Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л и Љ се исплаќаат во експозитурите на „НЛБ Банка” АД Скопје на целата територија на Република Северна Македонија.
  • Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите од М, Н, Њ, О, П и Р се исплаќаат во експозитурите на „Стопанска банка” АД Скопје на целата територија на Република Северна Македонија.
  • Депонентите чие ПРЕЗИМЕ започнува на буквите од С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ и Ш се исплаќаат во експозитурите на „Халкбанк” АД Скопје на целата територија на Република Северна Македонија.