Ориз ќе садиме и на суво

Ако досега прва асоцијација за производство на ориз ни беа ниви полни со вода, тогаш ќе треба да ја промениме нашата перцепција затоа што луѓе од најпознатиот крај на Македонија за производство на ориз смислија начин како да го произведат и на суви ниви. За оваа еколошка идеја добија награда на натпреварот организиран од Здружението за социјални иновации АРНО на регионалниот натпревар во Тирана „Филантропија преку зелени бизнис-идеи“, каде што добија 10.000 долари за развој на производството.

Заштеда на време и заштита на природата

Биосмарт оризот се засејува на суво и водата се пушта откако ќе проникне. На тој начин тој може да се сее речиси еден месец пред традиционалната сеидба, порано се жнее, а се заштедува на вода и на семе. Вака осмислениот производ е еколошки оправдан, при што учествуваше на натпреварот кој беше организиран од Здружението за социјални иновации АРНО и се најде меѓу трите национални победници во конкуренција на 21 проект од седум балкански држави.

Јорданчо Лефков, кој е претставник на проектот за производство на биосмарт оризот, вели дека уште пред повеќе години, кога бил градоначалник на Општина Чешиново-Облешево, со група свои соработници и ентузијасти размислувале како да ја подобрат состојбата со оризопроизводството во неговиот крај.

– Тогаш се фокусиравме и се насочивме кон организирање и здружување на земјоделците во кластер за ориз и Национален совет за ориз, со цел поголема соработка на институциите надлежни за оваа работа, за да можеме полесно да допреме до нив, да ги кажеме нашите идеи, нашето размислување, нашето знаење и да добиеме производство на ориз на одржлив начин и со добар квалитет. Односно да се преземат мерки со кои главна полза би имале фармерите кои произведуваат ваков ориз, да имаат пониски производствени трошоци, а во исто време да го намалат негативното влијание врз животната средина, како и да имаат подобро разбирање и односи со потрошувачите на ориз и локалната заедница – вели Лефков.

Биле препознаени и поддржани во овие нивни настојувања од „Програмата за зачувување на природата“, која е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координирана од „Фармахем“ – Скопје. Благодарение на нив, користеле и експертска помош од експертот Џозеф Рикман од Светскиот институт за ориз во Манила, со кого првпат во Македонија вршеле опит со користење на системот „капка по капка“ за наводнување и ѓубрење на оризот, што придонело за висока ефикасност на употреба на хербицидите и намалена употреба на вода. Досега 30 члена се активни во нивното здружение и произведуваат ориз на одржлив начин.

Што е, всушност, проектот биосмарт ориз?

Биосмарт оризот настана по околу пет години експериментирање. Различно од досегашното традиционално одгледување е што се засејува со редосејалка на суво и водата се пушта откако оризот ќе проникне. Така, за разлика од традиционалното производство, во кое се сее рачно и во вода и е потешка активност, се добива во време и оризот може порано да биде засеан. Во зависност од временските услови, сеидбата може да биде 20 до 30 дена порано од традиционалната сеидба, при што на тој начин тој ќе може порано да биде ожнеан. Во рана пролет не е потребна вода за да проникне бидејќи пролетните дождови овозможуваат доволно влага во почвата.

– При ваквиот начин на сеидба, не се користат инсектициди бидејќи веќе при самото пуштање на водата имаме цврст коренски систем. Кај традиционалниот начин на одгледување на оризот, самото користење на тој препарат врши уништување на голем број корисни микроорганизми, како за почвата така и за животната средина. Откако ќе се пушти водата во биосмарт оризот, веќе немаме никакви третирања кои можат да му наштетат на живиот свет во водата, кој е во фаза на развој, особено полноглавците на жабите, кои во традиционалното одгледување угинуваат над 99 отсто – вели Лефков.

Кај биосмарт оризот ситуацијата е обратна и остануваат живи над 90 отсто од оплодените живи форми во водата во оризовите полиња. Тоа изобилство од жив свет многу придонесува за развој и опстанок на сите членови на ова живеалиште.

– Сите сме свесни и за штетното влијание врз животната средина, кое го предизвикуваме со агротехничките мерки при традиционалното одгледување на оризот. Поради тоа, нашиот проект е насочен кон изнаоѓање начини и практики да се намали негативното влијание, рационално и контролирано да се користат природните ресурси, да се намали потребното вкупно количество вода за вегетација на оризот, контролираната употреба на ѓубривата и пестицидите итн. – вели Лефков.

Придобивките се огромни, како за живиот свет така и за здравјето на луѓето и фармерите. Со заштедата на вода ќе се овозможи проширување на културите кои бараат вода во производството и во секој случај, крајните потрошувачи ќе имаат здрава и безбедна храна.

Јадрената група за одржливо производство на ориз „Оризова братимка“ е во фаза на изработка на правилник за сертифицирање на овој производ, на дизајн на пакување, така што земјоделците кои произведуваат ваков ориз ќе можат да се надеваат на пласман на производ со додадена вредност и повисока цена, а потрошувачите безбеден и здрав производ со добар квалитет.

Идејата на здружението „Оризова братимка“ од Чешиново е локалниот производител на ориз од општината Чешиново-Облешево, каде што се произведува најквалитетниот ориз, да може самиот да го спакува во еколошка и биоразградлива амбалажа и така директно да се пласира до крајниот потрошувач. На тој начин, потрошувачите добиваат оригинален, квалитетен и автентичен ориз, произведен на одржлив начин, додека оризопроизводителите добиваат поголем финансиски бенефит.

Здружението „Оризова братимка“ планира формирање задруга за поголема достапност на средства од фондови и програми за финансирање на оваа идеја и нејзино прифаќање и од други групи фармери и нејзино реплицирање.

Билјана Богдановска