Организаторите на настани пред Владата бараат решение за нивните проблеми


Фото: Б. Грданоски

Компаниите од индустријата за организација на настани денеска протестираат пред Владата со барање да се најде решение за состојбата на овој сектор којшто поради пандемијата и ограничувањата за работа бележи пад од 62 проценти. Во ситуација кога речиси сите настани во државата и во светот се запрени поради пандемијата овој сектор нема работа. И не се знае до кога ќе нема работа. Јавното здравје за сите влади е поважно од организирањето на настани од различен вид. Прашање е како да се најде решение и да му се помогне на овој сектор кога парите во државната каса ги снемува поради долгото траење на пандемијата.

Излегувањето на улица на вработените во оваа индустрија за нив е последен чекор, затоа што може да се случи дури до крајот на оваа година ништо да не биде дозволено да се организира. Вработените во овој сектор единственото решение е да добијат помош од Владата.

„Ивент индустријата има пад во заработувачката од околу 62 проценти. Владата не сака да одговори на нашите дописи. Предвиден е некаков конкурс на кој што можеме да аплицираме за државни настани. 30-годишнината од независноста ќе се организираше секако, но тоа не може да биде некаква помош. Излегуваме на улица и не знаеме до кога ќе останеме“, изјави Маја Бабиќ, од Асоцијацијата на Ивент индустријата.

Фото: Б. Грданоски

Според неа, во оваа организација влегуваат организаторите на настани, рентал компаниите, спортски настани, семинари, митинзи, луѓе што изнајмуваат опрема и др.

„Ние 14 месеци не работиме. Бараме грантови, има за сите, но нема за нас. Според Централниот регистар, ниедна компанија не е затворена и ниту еден вработен не е отпуштен“, вели Бабиќ, додавајќи дека околу 10.000 лица се вработени и директно поврзани со оваа индустрија.

Фото: Б. Грданоски

Од Асоцијација на компании од индустријата за организации на настани ИВАП велат дека тоа што Владата деновиве го претставува како помош, ниту е помош ниту е планирано да бидат опфатени сите засегнати компании.

Оттаму најавија дека протестите ќе се одвиваат во континуитет, секој ден од 12 до 15 часот, сé до постигнување, како што велат, взаемно прифатливо и одржливо решение.