Орце открива биста на Ганди, а скопјани чекаат чисти патеки и тротоари по невремето (Фото/видео)
Паднатите дрва се на тртоарите, во тревниците, само тргнати од коловозите. Градските и општинските служби речиси никаде ги нема
По првичниот бран расчистување на скопските улици, во што беа вклучени сите надлежни служби, до денеска на пладне, ни во центарот на Скопје не се расчистени и проодни тротоарите и патеките низ паркчињата.
Во центарот на Скопје вчера пред 12 часот не можеше да се види ниту една екипа која ги собира паднатите дрва. Во текот на вечерта, по големата бура, тие беа тргнати од службите од улиците и оставени на тротоарите, во зеленилото. Само двајца чистачи од службите на општина Центар можат да се видат на улицата „Народен фронт“, кои се обидуваат да ги сметат ситните искршени гранчиња околу паркираните автомобили, но големите паднати гранки и дрвја стојат во тревниците. Нема екипи со моторни пили за да ги иситнат и да ги однесат.
Во меѓувреме пешаците се движат како на слалом по тротоарите на „Васил Ѓоргов“, кои се потполно непроодни од паднати елки и други дрвја. Низ паркинзите меѓу зградите сѐ уште има автомобили поклопени од огромни паднати дрвја.

Невремето не го уништи паркот зад ТЦ „Зебра“, за кој општината плати близу 500.000 евра, за засадување грмушки и мали дрвца, а беше посеана трева, поддржана од систем за наводнување. Но, гранките кои се тргнати од патеките се фрлени токму на тревата и чекаат да бидат отстранети.

Паднати гранки и дрвја, кои го попречуваат движењето на пешаците по тротоарите има и околу комплекс банки, од кај Железничката станица накај Олимпискиот базен. Ни кејот на Вардар во близина на поранешниот „Дрводекор“, не е подобра состојба. Искршените гранки и откорнати дрва се по улиците. Забележливо е дека во поновиот дел од Кејот „13 Ноември“, каде што се рестораните и каде има посадени здрави јавои, нема ниту едно паднато или скршено дрво. Тие го издржаа налетот на ураганот.

Додека, строгиот центар на градот е прооден за автомобили, пешаците не се толку комотни и покрај многуте фотографиите од градоначлниците кои уште вчера излегоа на терен заедно со службите.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска не ги надгледува и не учестува во расчистувањето со службите. Кои речиси и не може да се видат дека работат на понатамошно оспособување на јавниот простор за користење. Тој одлучи, заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и индиската претседателка Друпади Мурму, во Музејот на Град Скопје, да открие биста на Махатма Ганди, водачот на индиската борба за независност.

Премиерот Христијан Мицкоски е убеден дека „оваа влада никогаш не ги оставила граѓаните сами да се снаоѓаат“. Но, вели дека тоа било епско невреме, а владата има начин како да ги исплати штетите на сите граѓани чиј имот настрадал од невремето. Тој им се заблагодари на градоначалниците и на службите кои навремено излегле на терен и ги санирале штетите.

„И денеска ќе продолжат бидејќи станува збор за епско невреме. Навистина мотивацијата и нивната подготвеност да помогнат беше голема. Штетите ќе се санираат и согласно закони и искуство од претходна пракса ќе биде од страна на надлежните служби сето тоа рефундирано“, рече Мицкоски денеска на пуштањето во употреба на реконструираното одделение за Трауматологија на Клинички, прашан како ќе се обештетат граѓаните по вчерашното невреме.
Од Управата за хидрометеоролошки работи пак, и денеска објавија метеоаларм дека ќе има повремени врнежи од дожд и локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа ќе има услови за невреме со појава на град. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (над 60 km/h). (Б.Б.)