Орце Ѓорѓиевски отиде и во МАНУ, но како претседател на ЗЕЛС
Претседателот на МАНУ, Живко Попов, рече дека официјалната употреба на јазикот од Македонците во соседните земји била оневозможена со потпишаните меѓународни договори

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја искористи функцијата претседател на ЗЕЛС да отиде на денешната конференција во МАНУ посветена на 58-годишнината од основањето на академија. Седеше во првиот ред. Немаше други функционери од властите. Во кампањата треба да се искористи секоја можност, па Ѓорѓиевски ја искористи и оваа.
Во обраќањето, претседателот на МАНУ, Живко Попов, голем дел посвети на јубилејните 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик и тоа го оцени како „еден од најважните моменти во зацврстувањето на многувековното постоење на македонскиот јазик, македонската култура и македонскиот идентитет“.
Тој посочи на истражувањата на македонскиот јазик од странски слависти во 19 век кои уште тогаш ја констатирале неговата „посебна индивидуалност во јужнословенската јазична група“ и посочи дека македонскиот јазик „ја имал улогата на национален јазик уште пред да стане службен со решението од Првото заседание на АСНОМ“. Тој рече дека официјалната употреба на јазикот од Македонците во соседните земји била оневозможена со потпишаните меѓународни договори.
„Аргументирано можеме да тврдиме дека официјализирањето на македонската азбука и на македонскиот стандарден јазик не е некаква „вештачка конструкција”, туку претставува логичен след на долговековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти на целата јазична територија … Но, борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена, таа мора да трае и да продолжи пред меѓународните институции за човекови права, бидејќи неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со преземените обврски со потпишаните меѓународни договори. Законот за македонскиот јазик е донесен со задоцнување и затоа државните институции треба да вложат многу поголеми усилби за негова соодветна имплементација“, истакна Попов во обраќањето.
Според него, во годината кога прославуваме 80 години од кодифицирањето на македонскиот јазик, нагласи претседателот на МАНУ, „со жалење мора да констатираме дека македонскиот јазик е единствениот национален јазик во Европа заедно со црногорскиот без свој национален или референтен корпус“.
„Тоа е голем пропуст што мора да се исправи. Затоа, во Академијата ќе започне работата на создавање таков корпус што ќе можат да го користат сите истражувачи на јазикот. Корпусите претставуваат големи колекции на јазични податоци и се неопходни за напредокот на многу поддисциплини во рамките на лингвистиката и се основа за изработка на апликации базирани на вештачка интелигенција“.