Општината Карпош стартува со субвенционирање на кастрација и стерилизација на бездомни мачки и мачори


Фото: Б. Грданоски

Започнувајќи од денеска, па сé до исцрпување на средствата, Општината Карпош стартува со субвенционирање на кастрација и стерилизација на бездомни мачки и мачори.

„За таа цел, Здружението за заштита на животните “АМОС Скопје”, во соработка со ветеринарните амбуланти “Др. Јасминка Ван Дер Флиер ДООЕЛ” и “Пет Виталити ДОО”, ќе вршат бесплатна стерилизација и кастрација на бездомни мачки, а предвидено е оваа акција да опфати околу 250 мачки“, информираат од Општина Карпош преку социјалните мрежи.

Сите заинтересирани граѓани кои се грижат за бездомните мачки, можат да добијат повеќе информации на Facebook страната на Здружението АМОС или можат директно да се обратат во ветеринарните амбуланти:

  • Др. Јасминка Ван Дер Флиер ДООЕЛ – бул. Митрополит Теодосиј Гологанов бр. 149-12 (контакт телефон: 078 372 003);
  • Пет Виталити ДОО – бул. Партизанска 2 бр.8-1 (контакт телефон: 02 5400 040).

Од Општина Карпош напоменаа дека субвенционирањето се однесува исклучиво на стерилизацијата и кастрацијата и дека сите други услуги не се предмет на субвенционирање од страна на Општината.