Oпштина Велес распиша јавен повик за купување инвертар клима, сончев термален колектор и велосипед


Жителите на Општина Велес, физички лица носители на домаќинства кои ќе купат и монтираат инвертар клима за затоплување на своето домаќинство од 4 април до 6 мај годинава до локалната самоуправа можат да поднесат барање за надоместување на трошоците во висина од 30 проценти од вредноста на уредот, но не повеќе од 15 илјади денари по лице со влучен персонален данок на доход, информираат од Општина Велес.

Во врска со набавката на сончев термален колектор, како што појаснуваат од Општина Велес, целта е да ги стимулира жителите за помала потрошувачка на електрична енергија во домаќинствата. На физичките лица од своето подрачје, општината ќе им обезбеди субвенионирање на дел од направените трошоци за купен сончев термален колектор, во периодот од денот на објавувањето на овој јавен повик 03.04.2025 до 05.05.2025 година.

Право на користење на финансиски средства од општинскиот буџет имаат жителите на Општина Велес кои ќе поднесат барање за надоместување на дел од трошоците за набавка на сончев термален колектор и инсталираат сончев колектор за топла вода во објект за домување (станбен објект).

Како што информираат од Општина Велес, на барателот ќе му се надоместат дел од трошоците направени при набавка на сончев термален колектор во износ од 50% од вредноста, но не повеќе од 20.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Општина Велес на физичките лица кои ќе купат велосипед од денот на објавувањето на Јавниот повик 02.04.2025 година, заклучно со 02.05.2025 година ќе им субвенционира дел од трошоците направени при купување.

На барателот ќе му се надоместат дел од трошоците направени при набавка на велосипед во висина од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 4.500,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Од Општина Велес информираат дека изборот по јавниот повик ќе се реализира по принципот „со извлекување по случаен избoр“.