Општина Демир Хисар на врвот на ранг листата на ДКСК во системот за интегритет

Општина Демир Хисар, втора година по ред е на врвот на ранг листата на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) која успешно го практикува системот на интегритет, како клучна алатка за градење силни институции и создавање на доверба на граѓаните.
Според извештај на ДКСК од спроведено следење на примената на системот за интегритет во единиците за локална самоуправа за минатата година, имплементацијата на системот на интегритет во неговата трета година е во напредок и е препознаен како клучна алатка на институциите за борба против корупцијата, а Општина Демир Хисар е рангирана на првото место.
Во извештајот од спроведениот мониторинг, од вкупно 72 општини потписнички на политиката на интегритет кон порталот на ДКСК за одговарање на прашалникот за мониторинг на политиката за интегритет, 38 општини одговориле на поставениот прашалник, а 34 делумно ја исполниле таа обврска. Пресметката на успешноста на имплементацијата на системот на интегритет, резултира со прво место кое и оваа година и припадна на Општина Демир Хисар со 81,2 процентна исполнетост, а веднаш зад неа е општината Ресен. Во првата група единици на локална самоуправа, сврстена е и Општина Битола со 49,6 насто примена на системот за интегритет, со кој локалните институции ги регулираат заштитата на јавниот интерес и спречувањето на судирот на интереси, етичкото постапување, наменско и рационално користење на човечките ресурси, како и заштитено пријавување од укажувачи.
Сознанијата за нивото на исполнетост на обврските овозможува на ДКСК да оцени до каде да се насочат идните напори за промена на системот за интегритет на локално ниво и да врши едукација на лицата за интегритет и користење на системот за е-учење, како алатка достапна за сите вработени во јавниот сектор.